Рестрикционен ензим
From Wikipedia, the free encyclopedia
Рестрикционен ензим, рестрикциона ендонуклеаза, или рестриктаза е ензим кој ја сече ДНК молекулата на фрагменти, на или во близина на специфични места кои ги препознава, наречени рестрикциони места.[1][2][3] Рестрикционите ензими спаѓаат во групата на ендонуклеази. Рестрикционите ензими најчесто се класифицираат во пет типови, кои се разликуваат во однос на нивната структура и во однос на тоа дали го сечат ДНК супстратот точно на местото кое го препознаваат или на друго место кое не е исто со местото на препознавање. За да ја пресечат ДНК, сите рестрикциони ензими прават два засеци, секој на една од веригите на двојната завојница.
Овие ензими се среќаваат во бактериите и археите и се дел од одбранбениот механизам на клетката против вируси.[4][5] Во внатрешноста на прокариотската клетка, рестрикционите ензими селективно ја сечат страната ДНК во процес кој се нарекува рестрикциона дигестија; во исто време, ДНК на домаќинот е заштитена со помош на модификациски ензим (метилтрансфераза) кој врши модификација на прокариотската ДНК за да ја заштити од дејството на рестрикционите ензими. Заедно, овие два процеса го формираат рестрикционо-модификациониот систем.[6]
Досега се проучени во детали над 3000 рестрикциони ензими, а повеќе од 600 од нив се достапни комерцијално.[7] Овие ензими рутински се користат за модификација на ДНК во лабораториите, и тие се важна алатка во молекуларното клонирање.[8][9][10]