Семрежни бои
бои што се користат во изработката на мрежни страници / From Wikipedia, the free encyclopedia
Семрежни бои (англ. web colors) — бои кои се користат во изработката на страници на семрежјето и методите на нивно опишување. Шеснаесетеречните (хексадецимални) кодови на боите почнуваат со тараба (#).[1][2]
Изработувачите на страниците имаат најразлични можности за задавање на саканите бои на елементите во нив. Боите можат да се зададат како RGB-тројки во шеснаесетеречен формат (hex triplet), но во некои случаи и според нивните вообичаени англиски изрази. За утврдување на бојните вредности се користи алатка за бои или друг графички програм.
Првите верзии на прелистувачите Mosaic и Netscape Navigator користеле називите од системот X11 како основа на списоците на бои, бидејќи обете започнале со работа на X Window System.[3]
Семрежните бои имаат недвосмислено колориметриско толкување (sRGB) што се однесува на хроматичностите на дадено фосфорно множество, извесна крива на пренос, прилагодлива целна белина и услови за гледање.[4] Овие се избрани како слични на вистинските монитори и услови, па така дури и без раководство со боите, исцртувањето е прилично блиско до укажаните вредности. Меѓутоа корисничките вршители се разликуваат во верноста со која ги прикажуваат боите. Понапредите користат раководство со боите за да добијат на верност, што е мошне значајно во услови кога прикажаното треба да се печати.