Бела мечка
From Wikipedia, the free encyclopedia
Белата мечка (Ursus maritimus), позната и како поларна мечка е мечка која живее во областа на Северниот Пол. Таа е најголемиот сувоземен месојад на светот, бидејќи мажјаците најчесто тежат 300 - 600 кг, а женките пола од тоа. Крзното ѝ е прозрачно, но изгледа како бело или кремасто, со што му обезбедува на животното добра камуфлажа. Кожата ѝ е всушност црна. Дебелото сало и крзно ја изолираат од студот. Има кус опаш и мали уши, што ја намалува загубата на топлина. Има и релативно мала глава и долгнавесто тело, што ѝ дава брзина при пливањето. Белата мечка е полуводен цицач, прилагоден на живот на копно, море и мраз, и е врвен месојад во нејзиниот животен простор. Се храни главно со фоки, млади моржови и китови, но всушност, ќе изеде сè што може да улови.
Бела мечка | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордати |
Класа: | Цицачи |
Ред: | Месојадци |
Семејство: | Мечки |
Род: | Мечки |
Вид: | U. maritimus |
Научен назив | |
Ursus maritimus Phipps, 1774[2] | |
Распространетост на белата мечка |
Белите мечки се ранлив вид со висок ризик за исчезнување поради прекумерниот лов и поради исчезнувањето на нивниот животен простор, што доаѓа како резултат на топењето на мразот на Северниот Пол. Зоолозите и климатолозите веруваат дека популацијата на белите мечки ќе се намали на една третина од сегашната до 2050 г.[1][3][4][5] Во речиси сите земји од регионот на Северниот Пол белата мечка е прогласена за загрозен вид и е заштитена со закон.