From Wikipedia, the free encyclopedia
Џејмс Гордон Браун (роден на 20 февруари 1951 година) ― британски политичар кој од 2007 до 2010 година бил премиер на Обединетото Кралство и лидер на Лабуристичката партија. За време на владата на Блер (1997-2007) бил секретар за финансии. Гордон Браун бил член на парламентот (пратеник) од 1983 до 2015 година. Тој е последен лабуристички политичар, како и последен шкотски политичар кој ја извршувал функцијата премиер на ОК.
Џејмс Гордон Браун е роден на 21 февруари 1951 година во Гифнок, Шкотска[1][2] во семејство на презвитеријански свештеник.[3] На негови три години, семејството се преселило во Кирккалди - тогаш најголем град во Фајф.[4]
Средно образование завршил во Кирккалди, каде бил избран во експериментална програма за забрзано учење; по програмата средното училиште го завршил две години порано и на 16-годишна возраст се запишал на отсекот за историја на Единбуршкиот универзитет каде магистрирал во 1972 година.Останал на факултетот и запишал докторски студии. Докторирал во 1982 година; неговата докторска теза била посветена на историјата на Лабуристичката партија и политичките реформи во Шкотска во периодот од 1918 до 1929 година.[5][6][7]
Во 1972 година, додека уште бил студент, Браун бил избран за ректор на Единбуршкиот универзитет.[8] Тој бил ректор до 1975 година, а исто така го уредувал документот Црвена книга на Шкотска.[9]
Браун бил избран за пратеник на Лабуристите во Парламентот на општите избори во 1983 година. Во 1985 година, Браун станал опозициски портпарол за трговија и индустрија. Во 1986 година, ја објавил биографијата на политичарот од Независната Лабуристичка партија Џејмс Макстон, предмет на неговата докторска теза. Браун бил секретар за финансии во сенка од 1987 до 1989 година, а потоа и државен секретар во сенка за трговија и индустрија. По четвртиот последователен пораз на лабуристите на општите избори во 1992 година станал канцелар во сенка.[6][10] За време на референдумот за деволуција во Шкотска во 1979 година, додека други високи лабуристички политичари (како Робин Кук, Тем Дејел и Брајан Вилсон) водеа кампања за гласање „Не “, Браун водел кампања за „За“. Одиграл клучна улога во Шкотската уставна конвенција, со потпишување на Барањето за право за Шкотска во 1989 година.[11]
На општите избори во 1997 година, лабуристите убедливо ги победиле конзервативците и по 18 години креирале влада. Новиот премиер, Тони Блер, на 2 мај 1997 година го назначил Браун за канцелар за финансии. Браун оваа функција ја извршувал 10 години и два месеци, што го прави канцелар со најдолг стаж во поновата историја.[12] Најголеми достигнувања на Браун како канцелар се овозможувањето на независност на Банката на Англија во монетарната политика и постигнувањето договор за сиромаштија и климатски промени на самитот на Г8 во 2005 година.[6]
Во периодот од 1999 до 2002 година, Браун продал 60% од златните резерви на Обединетото Кралство непосредно пред цената на златото да почне континуирано да расте.[13][14][15] Обединетото Кралство продало околу 395 тони злато по просечна цена од околу 275 американски долари за унца, и заработиле приближно 3,5 милијарди американски долари.[16] Во 2011 година, тоа количество злато би вредело преку 19 милијарди долари.[17]
Во октомври 2004 година, Тони Блер објавил дека нема да ја предводи партијата на четврти избори, но и дека ќе целосно ќе го заврши својот трет мандат.[18] На 7 септември 2006 година, Блер објавил дека ќе се повлече во рок од една година,[19] а Браун бил јасен фаворит за негов наследник.
Браун станал премиер на Обединетото Кралство на 27 јуни 2007 година. До неговата оставка од функцијата во мај 2010 година, тој бил и лидер на Лабуристичката партија. Истовремено, сè додека не поднел оставка во 2015 година бил и пратеник. Тој бил шестиот повоен премиер, од вкупно 13, кој станал премиер без да победи на општи избори.[20] Браун бил првиот премиер од шкотска изборна единица по конзервативниот Сер Алек Даглас-Хоум во 1964 година.
Во април 2010 година, Браун побарал од кралицата да го распушти парламентот. На изборите од 6 мај ни една партија не освоила мнозинство во парламентот.[21] Браун бил реизбран за пратеник на Киркалди и Кауденбит со 29.559 гласови.[21][22]
На 10 мај 2010 година, Браун објавил дека ќе се повлече од функцијата лидер на Лабуристите, за да се избере негов наследник на следната Конференција на Лабуристичката партија во септември 2010 година.[23] Следниот ден, преговорите меѓу Лабуристичката партија и Либерал-демократите за формирање коалициска влада пропаднале. Во текот на вечерта, Браун ја посетил Бакингемската палата за на кралицата Елизабета Втора да ѝ ја достави својата оставка како премиер и да препорача таа да го покани лидерот на опозицијата, Дејвид Камерон, да формира влада.[24] Тој веднаш поднел оставка како лидер на Лабуристичката партија.[24]
Гордон Браун останал пратеник од Кирккалди и Кауденбит до 2015 година.[25]
Тој одиграл значајна улога во референдумот за независност на Шкотска во 2014 година, водејќи кампања за останување на Шкотска во Обединетото Кралство.[26]
Гордон Браун не бил оженет до 49-годишна возраст, што било причина да се рашират гласини за неговата сексуална ориентација. На 3 август 2000 година по четири години додворување, се оженил со специјалистката за односи со јавноста Сара Меколеј (Sarah Macaulay).[27] Нивното прво дете, ќерката Џенифер Џејн, починала во 2002 година.[28] Двојката има два сина, Џон Маколеј (роден на 17 октомври 2003 година) [29] и (Џејмс) Фрејзер (роден на 18 јули 2006 година). Во ноември 2006 година, на Фрејзер му беше дијагностицирана цистична фиброза.[30]
Браун е член на Шкотската црква.[31]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.