From Wikipedia, the free encyclopedia
Миноловец — мал воен брод опремен за откривање и уништување поморски мини.[1] Овој брод користи различни техники за да ја неутрализира заканата од поморски мини; миноловците ги расчистуваат и ги обезбедуваат водните патишта.[2]
Првите поморски мини потекнуваат од времето на династијата Минг.[3] Но, првите миноловци се појавуваат многу подоцна за време на Кримската војна, кога биле користени од Британците. Во Кримската војна, миноловците биле чамци кои по себе влечеле сидро заврзано за јаже да ги закачат мините. Иако мини се користеле и во Американската граѓанска војна, нема податоци за нивно чистење со миноловци.[4] Технологијата за чистење мини се подобрила во Руско-јапонската војна, во која се користеле стари торпилери (торпедни чамци) како миноловци.
Во Британија, поморските лидери пред избувнувањето на Првата светска војна увиделе дека морските мини се закана за бродскиот транспорт. Затоа почнале да користат воени бродови со мрежи за да го исчистат Ламанш.[5] Првиот наменски миноловец бил изработен за време на Првата светска војна. Но, до крајот на војната, технологијата за поставување на поморски мини многу напреднала, и миноловците не биле во можност да ги откриваат и отстрануваат мините.[4]
Миноловството значително напреднало за време на Втората светска војна. Завојуваните нации мошне брзо ги приспособиле бродовите за чистење мини.[6] Во текот на војната, миноловците во голема мера биле користени и од сојузничките земји и од земјите на Оската. Историчарот Гордон Вилијамсон напишал дека „германските миноловци се неопеаните херои на Кригсмарине“.[7] Поморските мини биле закана и по завршувањето на војната, а миноловците биле активни и по Денот на победата над Јапонија.[8] По Втората светска војна, сојузничките земји работеле на нови класи на миноловци кои се разликуваат по големина од 120 тонски бродови за расчистување на естуарите до океански бродови од 735 тони.[9] Воената морнарица на САД користела специјализирани механизирани десантни пловила за да ги исчистат плитките пристаништа во и околу Северна Кореја.[10]
Миноловците се опремени со механички или електрични уреди за онеспособување на мините. Современите миноловци се конструирани на начин со кој се намалува веројатноста самите тие да ги детонираат мините; звучно е изолиран и честопати се гради од дрво, фиберглас или обоен метал, или е демагинизиран за да се намали магнетизмот.[11]
Механичките чистачи се уреди со кои се сечат каблите на кои се закачени укотвените мини. Тие се влечат зад миноловецот. Инфлуентни чистачи се уреди, кои најчесто се влечат по бродот, кои се однесуваат како брод, а со тоа предизвикуваат детонација на мината. Најчести такви чистачи се магнетните и акустичните генератори.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.