Пони
мал коњ / From Wikipedia, the free encyclopedia
Пони (науч. Equus ferus caballus) — коњ со мал раст[1] Зависно од контекстот, под овој поим подразбираме коњ до одредена висина, или пак мал коњ што одговара на извесни физички особини и нарав. Постојат многу раси на коњи, но во споредба со другите коњи, понијата имаат подебела грива, опашка и крзно, сразмерно пократки нозе, поширок трупо, потешки коски, подебел врат и покуса глава со широко чело. Поимот води потекло од старофранцускиот збор poulenet, што значи „ждребе“ или „коњче“, но ова не одговара на денешната мисла на зборот, бидејќи понито е мало и кога е возрасно.
Настанокот на овие коњи со мал раст се должи на тоа што нивните предци живееле на границите од подрачјата погодни за коњи. Овие помали коњи подоцна се припитомани од човекот и се одгледувани ширум северната полутопка како погодни за влеча, како коњи за деца, за рекреативно јавање, а подоцна и како натпреварувачи во сопствена класа. За време на Индустриската револуција, голем број понија се користеле за влечење товар во рудниците за јаглен, особено во Велика Британија.
Важат за интелигентни и пријателски наклонети, но понекогаш и за своеглави. Денес, за пони се смета коњ со висина од 147 см (на гребенот), но постојат низа исклучоци. Разни организации имаат свои определници, кои се движат од 142 до 150 см. Од друга страна, одгледувачите ги разгледуваат понијата од коњите според родовникот и фенотипот, без оглед на висината.