From Wikipedia, the free encyclopedia
Студио Гибли (јапонски: 株式会社スタジオジブリ, меѓун. Studio Ghibli Inc.) — јапонско анимациско студио со седиште во Коганеи, Токио.[1] Студиото е најдобро познато од неговите играни анимирани филмови, како и неколку краткометражни филмови, телевизиски реклами, и еден телевизиски филм. Основано е на 15 јуни, 1985 година од режисерите Хајао Мијазаки и Исао Такахата, и продуцентот Тошио Сузуки, по успехот на анимираниот филм „НАУСИКАА ОД ДОЛИНАТА НА ВЕТРОТ“ (1984 г.) создаден од студиото „Топкрафт“, кое е всушност директен претходник на Гибли. Студиото соработувало со разни студија за видеоигри за визуелното развивање на неколку видеоигри.[2]
Дејност | Филмови Видео игри ТВ реклами |
---|---|
Претходник | Топкрафт |
Основано | јуни 15, 1985 во Токио, Јапонија |
Основачи |
|
Седиште | Коганеи, Токио , Јапонија |
Опслужувани подрачја | Меѓународно |
Клучни личности | Коџи Хошино (Претседавач) Кијофуми Накаџима (Претседател) Хајао Мијазаки (Директор) Тошио Сузуки (Извршен директор) |
Производи | Анимирани филмови (аниме), ТВ филмови, реклами, играни филмови |
Нето-доход | ¥1.426 трилиони (2011 г.) 496.9 милијарди мкд €8 милијарди |
Вработени | 150 |
Матично претпријатие | Токума Шотен (1985–2005 г.) Независно (2005–) |
Мреж. место | ghibli.jp |
Шест филма на Студио Гибли се меѓу 10-те аниме филмови со најголема заработка направени во Јапонија, а „ПАТУВАЊЕ СО ДУШИТЕ“ (2001 г.) е втор со најголема заработка од над $360 милиони ширум светот. Многу од нивните дела имаат освоено Animage Аниме ГП награда, а четири ја освоиле Наградата на Јапонската Академија за анимација на годината. Пет филма од Студио Гибли добиле номинации за Оскар. ПАТУВАЊЕ СО ДУШИТЕ ја освоил Златната мечка во 2002 година и Оскар за најдобар анимиран игран филм во 2003 година. Тоторо (шумски дух), лик од филмот „МОЈОТ СОСЕД ТОТОРО“, е маскота на студиото.[3]
На 3 август 2014 година, Студио Гибли привремено го запреле производството по пензионирањето на Мијазаки. Во февруари 2017 година, Тошио Сузуки објавил дека Мијазаки повторно излегол од пензија за да режира нов долгометражен филм насловен „МОМЧЕТО И ЧАПЈАТА“, со Студио Гибли. Филмот излегол во јули 2023 г.
Името Гибли било дадено од Хајао Мијазаки од италијанската именка „ghibli“, заснована врз либиското арапско име за врел пустински ветер (قبلي, романизирано: ghiblī), со идејата дека студиото „ќе крене нов ветер низ аниме-индустријата“.[4][5] Исто така, се однесува на италијанскиот авион, „Caproni Ca.309“. Иако италијанскиот збор попрецизно би бил транслитериран како ギブリ(„Гибури“), јапонското име на студиото е ジブリ (Џибури [dʑiꜜbɯɾi] ( слушнете)).
Основано на 15 јуни 1985 година, студиото го воделе режисерите Хајао Мијазаки и Исао Такахата и продуцентот Тошио Сузуки. Пред формирањето на студиото, Мијазаки и Такахата веќе имале долга кариера во јапонската филмска и телевизиска анимација и работеле заедно на филмот „Големата авантура на Хор, Принц на сонцето“ од 1968 година и филмовите „Панда! Напред, панда!“ од 1972 и 1973 г., а во 1978 година, Сузуки станал уредник на Animage манга списанието на Токума Шотен, каде што првиот филм што го избрал бил ХОРУС. Една година по неговиот телефонски повик со Такахата и неговата прва средба со Мијазаки, по што разговарале за Хор, тој им телефонирал за првиот филм што Мијазаки некогаш го режирал: „Замокот на Каљостро“.
Студиото е основано по успехот на филмот НАУСИКАА од 1984 година, напишан и режиран од Мијазаки за Топкрафт, а дистрибуиран од Тоеи. Потеклото на филмот лежи во првите два тома на серијализираната манга напишана од Мијазаки и публикувана во Animage како начин за создавање интерес за аниме верзија.[5][6] Сузуки бил дел од продуцентскиот тим на филмот и го основал Студио Гибли со Мијазаки, кој исто така го поканил Такахата да се приклучи на новото студио.
Студиото главно продуцирало филмови од Мијазаки, а втор најплоден режисер е Такахата (најпознат од „ГРОБОТ НА СВЕТУЛКИТЕ“). Меѓу другите режисери кои работеле со Студио Гибли се: Јошифуми Кондоо, Хиројуки Морита, Гороо Мијазаки и Хиромаса Јонебајаши. Композиторот Џо Хисаиши го обезбедил саундтракот за повеќето филмови на Мијазаки за Студио Гибли. Во нивната книга „Аниме класици Зеттаи!“, Брајан Камп и Џули Дејвис го забележале Мичијо Јасуда како „столб на извонредниот тим за производство и продукција на Студио Гибли“.[7] Во еден период, студиото било со седиште во Кичиџооџи, Мусашино, Токио.[8]
Во август 1996 година, Волт Дизни и Токума Шотен формирале партнерство во кое што Волт Дизни Студиос ќе станат единствениот меѓународен дистрибутер за анимираните филмови на Студио Гибли на Токума Шотен.[9] Според овој договор, Дизни исто така се согласиле да финансираат 10% од трошоците за производството на студиото.[10] Оттогаш, сите три гореспоменати филмови на Мијазаки во Студио Гибли, кои претходно биле синхронизирани од Streamline Pictures, повторно биле синхронизирани од Дизни.[11] На 1 јуни 1997 година, Токума Шотен ги консолидирало своите медиумски активности со спојување на Студио Гибли, Токума Шотен Интермедија софтверот и Токума Интернешнл на една локација.[12]
Со текот на годините, постоела блиска врска помеѓу Студио Гибли и магазинот Animage, кој редовно објавува ексклузивни статии за студиото и неговите членови во делот насловен „Белешки на Гибли“. Уметничките дела од филмовите на Гибли и други дела често се појавуваат на насловната страница на списанието. Романот на Саеко Химуро, „Уми га Кикоеру“, бил серијализиран во списанието и потоа бил адаптиран во филмот „ОКЕАНСКИ БРАНОВИ“, единствениот долгометражен анимиран филм на Студио Гибли, создаден за телевизија. Режисер бил „Томоми Мочизуки“.[13]
Во октомври 2001 година, Гибли музејот бил отворен во Митака, Токио.[14] Содржи изложби засновани на филмовите од Студио Гибли и прикажува ексклузивни анимации, вклучувајќи голем број на кратки филмови на Студио Гибли кои не се достапни на друго место.
Студиото е познато и по својата строга политика на „забрането уредување“ во лиценцирањето на нивните филмови во странство, поради тоа што НАУСИКАА била преработена во голема мера при објавувањето на филмот во САД под наслов „ВОИНИ НА ВЕТРОТ“. Политиката „без пресеци“ била потенцирана кога копретседавачот на Miramax, Харви Вајнстин, предложил да ја преуреди и „ПРИНЦЕЗАТА МОНОНОКЕ“, за да биде покомерцијална. Се шпекулира дека еден продуцент на Студио Гибли испратил автентичен јапонски меч (веројатно катана) со едноставна порака: „Без пресеци“.[15]
Помеѓу 1999 и 2005 година, Студио Гибли била подружница на брендот на Токума Шотен; сепак, тоа партнерство завршило во април 2005 година, кога Студио Гибли биле отстранети од Токума Шотен и биле воспоставени како независна компанија со преместено седиште.
На 1 февруари 2008 година, Тошио Сузуки се повлекол од позицијата претседател на Студио Гибли, која ја извршувал од 2005 година, па Коџи Хошино (поранешен претседател на Волт Дизни Јапонија) ја презел функцијата. Сузуки рекол дека сака да ги подобрува филмовите со свои раце како продуцент, наместо да го бара тоа од неговите вработени. Сузуки одлучил да му го предаде претседателското место на Хошино затоа што Хошино му помогнал на Студио Гибли да ги продава своите видеа уште од 1996 година, и исто така помогнал во објавувањето на ПРИНЦЕЗАТА МОНОНОКЕ во САД.[16] Сузуки сè уште работи во одборот на директори на компанијата.
Два кратки филмови од Студио Гибли создадени за Гибли музејот биле прикажани на фестивалот Carnegie Hall Citywise Japan NYC: „КУЌЕН ЛОВ“ и „МОН МОН, ВОДЕНИОТ ПАЈАК“ биле прикажани на 26 март 2011 година.[17]
Такахата развил проект за објавување по филмот „ПРИКАЗНИ ОД ЗЕМЈОМОРЕ“ режиран од Гороо Мијазаки, синот на Хајао, насловен „ПРИКАЗНАТА ЗА ПРИНЦЕЗАТА КАГУЈА“ - адаптација на „Приказната за бамбусовиот сечач“. Последниот филм режиран од Хајао Мијазаки пред да се повлече од играните филмови бил „ВЕТРОТ СЕ ЗАСИЛУВА“, што ја обработува темата за авионот Митсубиши A6М Нула и неговиот творец.[18]
На 1 септември 2013 година, Хајао Мијазаки одржал прес-конференција во Венеција за да го потврди своето пензионирање, велејќи: „Знам дека реков дека ќе се повлечам многу пати во минатото. Многумина од вас мора да мислат: "Уште еднаш". Но, овој пат сум многу сериозен.“[19]
На 31 јануари 2014 година, било најавено дека Гороо Мијазаки ќе ја режира својата прва аниме телевизиска серија, „САНЗОКУ НО МИСУМЕ РООНЈА“, адаптирана од книгата на Астрид Линдгрен, „Рониа, ќерката на Арамијата“ за РКЈ. Серијата е компјутерски анимирана, во продукција на Poligon Pictures, и во копродукција на Студио Гибли.[20][21]
Во март 2014 година, Тошио Сузуки се повлекол како продуцент и ја презел новата позиција на генерален директор. Јошијаки Нишимура го заменил Сузуки во продуцентската улога.[22]
На 3 август 2014 година, Тошио Сузуки објавил дека Студио Гибли ќе направи „кратка пауза“ за да се процени и преструктуира во пресрет на пензионирањето на Мијазаки. Тој изјавил некои загрижености за тоа каде ќе оди компанијата во иднината.[23][24][25][26] Ова довело до шпекулации дека Студио Гибли никогаш повеќе нема да произведе друг игран филм. На 7 ноември 2014 година, Мијазаки изјавил: „Сепак, тоа не беше мојата намера. Сè што направив беше да објавам дека ќе се повлечам и нема да правам повеќе филмови“.[27] Водечкиот продуцент Јошијаки Нишимура, меѓу неколкуте други вработени од Гибли, како режисерот Хиромаса Јонебајаши, заминале и го основале Студио Понок во април 2015 година, работејќи на филмот „МЕРИ И ЦВЕТОТ НА ВЕШТЕРКАТА“.
Анимираниот фантастичен филм „ЦРВЕНАТА ЖЕЛКА“ од 2016 година, во режија и ко-сценарио на холандско-британскиот аниматор Михаел Дудок де Вит и негов дебитантски анимиран филм, бил копродукција помеѓу Студио Гибли и Wild Bunch.[28]
Во февруари 2017 година, Тошио Сузуки објавил дека Хајао Мијазаки излегол од пензија за да режира нов игран филм со Студио Гибли.[29]
На 28 ноември 2017 година, Коџи Хошино се повлекол од функцијата претседател; беше заменет со Кијофуми Накаџима (поранешен директор на Гибли музејот). Тогаш, Хошино бил назначен за Претседател на Студио Гибли.[30][31]
Во мај 2020 година, Тошио Сузуки потврдил дека во Студио Гибли развива нов филм од Гороо Мијазаки. На 3 јуни 2020 година, Студио Гибли објавило дека филмот ќе биде адаптација на романот „Ервиг и вештерката“ од Дијана Винн. Филмот бил најавен како прв целосно 3D CG анимиран Гибли филм и закажан за телевизиска премиера на РКЈ кон крајот на 2020 година.[32]
Во Јапонија, филмовите на компанијата (заедно со „ЗАМОКОТ НА КАГЛИОСТРО“ и сите други „Лупин Трети“ наслови за кино-салите, како и „МЕРИ И ЦВЕТОТ НА ВЕШТЕРКАТА“) се театрално дистрибуирани од Тохо (освен „ЗАМОК НА НЕБОТО“ и „СЛУЖБА ЗА ИСПОРАКА НА КИКИ“, кои биле дистрибуирани од Тоеи заедно со „НАУСИКАА“, и воедно во нивна продукција бил и „ХОРУС, ПРИНЦ НА СОНЦЕТО“, а „МОИТЕ СОСЕДИ ЈАМАДА“, бил дистрибуиран од Шочику), а од Волт Дизни Студиос Јапонија за домашните медиуми заедно со филмовите „НАУСИКАА“, „ЗАМОКОТ НА КАГЛИОСТРО“ и „МЕРИ И ЦВЕТОТ НА ВЕШТЕРКАТА“.[33] Пред договорот со Дизни, Токума Шотен ги објавувал Гибли филмовите преку нивната етикета „Animage Видео“, како и сите Laserdisc изданија на филмовите, бидејќи договорот со Дизни не го вклучувал овој формат до летото во 1996 година.
Manson International и Showmen, Inc. произвеле 95-минутна англиска адаптација на „НАУСИКАА“ наречена, „ВОИНИ НА ВЕТРОТ“, а била објавена театарски во Соединетите Држави од страна на New World Pictures на 13 јуни 1985 година, проследена со издание на VHS во декември 1985 година.[34] Кон крајот на 80-тите години од минатиот век, Vestron Video повторно го издале филмот и First Independent Video повторно го објавиле во 1993 година, со уште една минута пресечена од целосниот филмот. Гласовните глумци и глумици не биле наведени и дури не биле информирани за приказната на филмот, а филмот бил преработен во голема мера за да се пласира како детски акционо-авантуристички филм, иако филмот добил рејтинг PG, исто како и подоцнежната англиска синхронизација на Дизни.[35] Следствено, дел од наративното значење на филмот бил изгубен: некои од еколошките теми биле разводнети, како што била и главната споредна поента од приказната за Оому суштествата, променета на начин што ги претвориле во агресивни непријатели. Повеќето од имињата на ликовите биле променети, вклучувајќи го и насловнит лик, станувајќи принцезата Зандра (Наусикаа). Постерот во Соединетите држави и VHS еквивалентот содржел кадар од машки ликови кои воопшто не се во филмот, јавајќи го воскреснатиот „Божји воин“ — вклучително и споменатиот воин, но прикажан накратко во ретроспектива.[36] Сцени од околу 22 минути биле скратени за изданието на филмот во Северна Америка. Незадоволен од ова, Мијазаки на крајот усвоил строга клаузула, „без уредувања“, за понатамошните странски изданија на филмовите на компанијата. ВОИНИТЕ НА ВЕТРОТ исто така го поттикнало Мијазаки да му дозволи на преведувачот Торен Смит од Студио Протеус да создаде официјален, верен превод на мангата „Наусикаа“ за Виз Медиа.[37]
Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век, англиската синхронизирана верзија на ЗАМОК НА НЕБОТО била произведена од Magnum Video Tape and Dubbing,[38] за меѓународните летови на Јапонија Авиотранспорт на барање на Токума Шотен. Синхронизираниот филм накратко бил прикажан во Соединетите Држави од страна на Streamline Pictures. Карл Мачек, шефот на Стримлајн, бил разочаран од овој даб, сметајќи го за „доволен, но несмасен“.[39] По ова, Токума им дозволиле на Стримлајн да ги синхронизира своите идни преземања ТОТОРО и КИКИ. Во април 1993 година, Трома Филмс, под нивната етикета 50th St. Films, го дистрибуирала ТОТОРО во своето театарско синхронизирано издание, а подоцна бил објавен на VHS и на крајот на ДВД од 20th Century Fox Home Entertainment. Во раните 1990-ти, англиска синхронизирана верзија на „ПОРКО РОСО“ била произведена од непозната компанија, повторно за меѓународните летови на Јапонија Авиотраснпорт. Оригиналните синхронизации можат да се видат на збирката од 1996 г. „Џибури га Иппаи“ (Ласердиск) и на првичните копии за јапонските ДВД-изданија на ТОТОРО, ЛАПУТА (ЗАМОКОТ) и ПОРКО.
Во 1996 година, Волт Дизни Студиос се стекнале со светски права за дистрибуција на библиотеката на Студио Гибли, со тоа што Дизни ги пресинхронизирале сите филмови.[9][40] Покрај тоа, Волт Дизни Студиос Јапонија се согласиле да придонесат со 10% од финансиите за сите идни изданија, почнувајќи од МОИТЕ СОСЕДИ ЈАМАДА, со ексклузивно право за прво одбивање во врска со меѓународната дистрибуција.[10] Дизни продолжува со оваа практика до денес, дури и проширувајќи ја со делата на Студио Понок и на копродукциите како ЦРВЕНАТА ЖЕЛКА во Јапонија. Се тврди дека биле потребни четири години за Дизни и Студио Гибли да постигнат договор за дистрибуција. Првично, филмовите на Гибли требало да бидат етикета на линија видеа наречена Animation Celebration, истакнувајќи критички признати анимирани филмови од целиот свет. Овие планови никогаш не се реализирале во целост, но логото на Animation Celebration може да се види на оригиналното издание на Дизни за филмот КИКИ на VHS. За време на мандатот на Дизни, студиото ја произвело англиската синхронизација и објавило 15 филмови на Гибли, плус НАУСИКАА преку етикетата на Волт Дизни, Buena Vista Home Video, Мирамакс и Touchstone Pictures.[41]
Во 2011 година, GKIDS ги стекнале правата на театарската дистрибуција на северноамериканските гореспоменатите филмови на Гибли, со тоа што Волт Дизни ги задржале правата за домашните видео изданија.[42] После тоа, во 2013 година, GKIDS ги стекнале правата на дистрибуција на САД и Канада на „ОД РИДОТ НА БУЛКИТЕ“. Филмот, кој Дизни го пренеле на GKIDS поради справување со потенцијален инцест, било прв пат од 1996 година Дизни да му предаде филм на Студио Гибли на друг дистрибутер. После тоа, GKIDS продолжиле да ги дистрибуираат филмовите за Дизни, кои се сметале за премногу зрели или некомерцијални за американската публика: „КАКО ДА БЕШЕ ВЧЕРА“, „ОКЕАНСКИ БРАНОВИ“, „ПРИКАЗНАТА ЗА ПРИНЦЕЗАТА КАГУЈА“ и „КОГА МАРНИ БЕШЕ ТАМУ“. Конечно, во јули 2017 година, Дизни се откажале од правата за домашните видеа (со исклучок на „ВЕТРОТ СЕ ЗАСИЛУВА“, кој останал со Дизни до 2020 година, поради дистрибутивната клаузула), предавајќи ги на ГКИДС, кој во моментов се справуваат со целата театарска и домашна дистрибуција на Гибли филмовите во Северна Америка заедно со „МЕРИ И ЦВЕТОТ НА ВЕШТЕРКАТА“.[40] Како и да е, Дизни сè уште продолжува со избрана дистрибуција во Јапонија (домашни медиуми) и Тајван.
За изданијата на домашните медиуми на GKIDS, работеле повеќе дистрибутери. Cinedigm го дистрибуирале изданието за домашни медиуми на филмовите РИДОТ НА БУЛКИТЕ, Universal Pictures Home Entertainment ги дистрибуирале изданијата за домашните медиуми на филмовите КАГУЈА, МАРНИ, МЕРИ, КАКО ДА БЕШЕ ВЧЕРА и ОКЕАНСКИ БРАНОВИ, а Shout! Factory досега ги дистрибуирале сите последователни изданија. Филмовите на Студио Гибли во сопственост на GKIDS биле ставени на располагање за дигитални набавки на повеќето големи сервиси во САД и Канада на 17 декември 2019 година преку Shout! Factory.[43]
Надвор од Јапонија и Северна Америка од 2003 година, Wild Bunch има меѓународни права за продажба на филмската библиотека на Гибли.[44] Компанијата продава права на дистрибуција на одделни дистрибутери низ целиот свет, вклучително и StudioCanal UK (Велика Британија и Ирска),[б 1] Компанијата Волт Дизни (Тајван), Wild Bunch (Франција и Белгија), Universum Film (Германија), Lucky Red (Италија) и Madman Entertainment (Австралија и Нов Зеланд).
Забележително е тоа што „ТАЈНИОТ СВЕТ НА АРИЕТИ“ добил втора синхронизација во Велика Британија, во продукција на StudioCanal, најверојатно поради потеклото на филмот од британскиот роман на Мери Нортон, „Позајмувачите“.
Дизни претходно ги имале и меѓународните права на продажба, сè до купувањето на Wild Bunch во 2003 година. Дизни ги задржале француските права на дистрибуција на библиотеката на Гибли до септември 2020 година, кога истекла и се префрлила на Wild Bunch.[45]
Пред 2019 година, Студио Гибли одлучиле да не ги стават на дигитално располагање своите филмови, бидејќи чувствувале дека физичките медиуми и театарските настани како Студио Гибли Фест на GKIDS, ќе работи повеќе кон нивната цел за заштита и кураторство на своите филмови. Дизни претходно лобирале за стриминг договор со Гибли за време на нивниот мандат на дистрибуцијата, но ваквите обиди никогаш не биле реализирани.[41] Раководителите на студиото се предомислиле откако слушнале цитат од американскиот глумец и режисер Вуди Ален за тоа како треба да има повеќе начини за продажба на играните филмови.[46]
На 17 октомври 2019 година, HBO Max на WarnerMedia објавиле дека имаат стекнато ексклузивни права за стриминг на каталогот на Студио Гибли во САД, како дел од договорот со GKIDS; овие филмови станале достапни од кога услугата започнала во мај 2020 година.[47] На 20 јануари 2020 година, било објавено дека Нетфликс ги стекнале ексклузивните права за стриминг на овој каталог во сите региони, освен во Соединетите држави (во кои Нетфликс има права на стриминг и на „ЗАМОКОТ НА КАГЛИОСТРО“ и на „МЕРИ И ЦВЕТОТ НА ВЕШТЕРКАТА“), Канада и Јапонија, како дел од зделката со меѓународниот партнер за правата на продажба на Гибли, Wild Bunch. Седум од дваесет и еден филм во каталогот на студиото биле објавени на 1 февруари 2020 година, а останатите следувале на 1 март и 1 април.[48] Нетфликс потоа склучиле посебен договор со GKIDS за стриминг правата во Канада, кој бил објавен на 22 јуни, а стапил во сила на 25 јуни за повеќето филмови.[49] Во моментов, не се објавени договори за стриминг правата во матичната земја на Студио Гибли.
Повеќето од горенаведените зделки не го вклучуваат „ГРОБОТ НА СВЕТУЛКИТЕ“; за разлика од повеќето други филмови, кои биле објавени од Токума Шотен, ГРОБОТ НА СВЕТУЛКИТЕ бил произведен и е во сопственост на Шинчоша, кои исто така го објавиле расказот на кој е заснован филмот, и како таков, паднал во различно правно сопствеништво.[43]
ГРОБОТ НА СВЕТУЛКИТЕ бил издаден во Јапонија на VHS од страна на Buena Vista Home Entertainment во збирката „Џибури га Иппаи“ на 7 август 1998 година. На 29 јули 2005 година, ДВД изданието било дистрибуирано преку Warner Bros. Home Entertainment. Волт Дизни Студиос Јапонија го објавиле комплетното колекционерско ДВД на 6 август 2008 година. Тие исто така го издале филмот на Blu-ray двапати на 18 јули 2012 година: еднаш како единечно издание и втор пат заедно со ТОТОРО.
Тој бил објавен на VHS во Северна Америка од Central Park Media само со англиски превод на 2 јуни 1993 година.[50] Тие подоцна го издале филмот синхронизиран на англиски за VHS на 1 септември 1998 година (истиот ден кога Дизни го издале КИКИ во Северна Америка) и како ДВД за сите региони (кое исто така го вклучувало и оригиналниот јапонски со англиски превод) на 7 октомври истата година. Подоцна бил објавен на ДВД-збирка со два дискови (кој уште еднаш ги вклучил и англиската синхронизација и оригиналот на јапонски јазик со англиски превод, како и првичните хамери за приказната на филмот, со тоа што вториот диск содржел пообемни дополнителни одлики) на 8 октомври 2002 година. Тој бил објавен од Central Park Media последен пат на 7 декември 2004 година. После банкротот и ликвидацијата на Park Media во мај 2009 година,[51] ADV Films ги стекнале правата и повторно го објавиле на ДВД на 7 јули 2009 година.[52] По затворањето и ребрендирањето на ADV на 1 септември 2009 година,[53] нивниот наследник, Sentai Filmworks, го спасил филмот и издал во ремастеризирано ДВД на 6 март 2012 година.[54][55] Блу-реј изданието било објавено на 20 ноември 2012 година, со комплетно нова англиска синхронизација во продукција на Seraphim Digital, заедно со дигитално издание во истата година.[56]
StudioCanal објавиле Blu-ray издание во Велика Британија на 1 јули 2013 година.[57] Madman Entertainment го објавила филмот во Австралија и Нов Зеланд.
Иако технички не се филмови на Студио Гибли, „ГОЛЕМАТА АВАНТУРА НА ХОРУС, ПРИНЦ НА СОНЦЕТО“ (1968 г.), „ПАНДА! НАПРЕД, ПАНДА!“ (1972 г.), „ЗАМОКОТ НА КАГЛИОСТРО“ (1979 г.), „ЏАРИНКО ЧИЕ“ (1981 г.), „ГОШ, ВИОЛОНЧЕЛИСТОТ“ (1982), „НАУСИКАА“ (1984 г.), „МЕРИ И ЦВЕТОТ НА ВЕШТЕРКАТА“ (2017 г.) и „СКРОМНИ ЈУНАЦИ“ (2018 г.), понекогаш се групираат заедно со Студио Гибли библиотеката (особено со домашната видео-колекција „Џибури га Иппаи“ издадена од Волт Дизни Студиос Јапонија) поради нивните врски со студиото.
ХОРУС и КАГЛИОСТРО биле долгометражните режисерски дебија на Исао Такахата и Хајао Мијазаки, редоследно, и биле продуцирани од Тоеи Анимација и TMS Entertainment неколку години пред основањето на Студио Гибли.
НАУСИКАА била режирана од Мијазаки со Топкрафт, студио кое Мијазаки, Такахата и Тошио Сузуки подоцна го купиле и го преименувале во Студио Гибли. Како резултат, филмот често се објавувал и се продавал како филм од Студио Гибли.
ЦРВЕНАТА ЖЕЛКА бил во копродукција на Студио Гибли со холандскиот аниматор Михаел Дудок де Вит и бил брендиран како меѓународно издание на Студио Гибли. Дистрибуиран е од Sony Pictures Classics во Северна и Латинска Америка.
МЕРИ И ЦВЕТОТ НА ВЕШТЕРКАТА и СКРОМНИ ЈУНАЦИ биле произведени од Студио Понок, компанија основана од ветерани на Студио Гибли, Јошијаки Нишимура и Хиромаса Јонебајаши, по реструктуирањето на Гибли во 2014 година.
За целите на списокот подолу, се наведени само филмовите целосно произведени и објавени од Студио Гибли. Други продукции на Студио Гибли се наведени овде.
Година | Наслов | Режисер | Сценирист(и) | Продуцент(и) | Музика | Премиера (Комерцијална) | RT | MC |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1986 | ЗАМОК НА НЕБОТО | Хајао Мијазаки | Исао Такахата | Џо Хисаиши | Јапонија: 2 август | 96%[58] | 78 | |
1988 | ГРОБОТ НА СВЕТУЛКИТЕ | Исао Такахата | Тоору Хара | Мичио Мамија | Јапонија: 16 април | 100%[59] | 94 | |
МОЈОТ СОСЕД ТОТОРО | Хајао Мијазаки | Џо Хисаиши | 94%[60] | 86 | ||||
1989 | СЛУЖБА ЗА ИСПОРАКА НА КИКИ | Хајао Мијазаки | Јапонија: 29 Јули | 98%[61] | 83 | |||
1991 | КАКО ДА БЕШЕ ВЧЕРА | Исао Такахата | Тошио Сузуки | Катз Јоши | Јапонија: 20 јули (Анг. синхрон. 1 Јануари, 2016 г.) |
100%[62] | 90 | |
1992 | ПОРКО РОСО | Хајао Мијазаки | Џо Хисаиши | Јапонија: 18 јули | 95%[63] | 83 | ||
1993 | ОКЕАНСКИ БРАНОВИ | Томоми Мочизуки | Сеиџи Окуда & Нозому Такахаши | Шигеру Нагата | Јапонија: 5 мај | 88%[64] | 73 | |
1994 | ПОМ ПОКО | Исао Такахата | Shang Shang Typhoon | Јапонија: 16 јули | 85%[65] | 77 | ||
1995 | ШЕПОТ НА СРЦЕТО | Јошифуми Кондоо | Хајао Мијазаки | Јуџи Номи | Јапонија: 15 јули | 94%[66] | 75 | |
1997 | ПРИНЦЕЗАТА МОНОНОКЕ | Хајао Мијазаки | Џо Хисаиши | Јапонија: 12 Јули (САД: 29 октомври, 1999 г.) |
93%[67] | 76 | ||
1999 | МОИТЕ СОСЕДИ ЈАМАДА | Исао Такахата | Акико Јано | Јапонија: 17 јули | 78%[68] | 75 | ||
2001 | ПАТУВАЊЕ СО ДУШИТЕ | Хајао Мијазаки | Џо Хисаиши | Јапонија: 20 јули (САД: 20 септември, 2002 г.) |
97%[69] | 96 | ||
2002 | МАЧОРОТ СЕ ВРАТИ | Хиројуки Морита | Реико Јошида | Тошио Сузуки & Нозому Такахаши | Јуџи Номи | Јапонија: 19 јули | 90%[70] | 70 |
2004 | ПОДВИЖНИОТ ЗАМОК НА ХАУЛ | Хајао Мијазаки | Тошио Сузуки | Џо Хисаишо | Јапонија: 20 Ноември (САД: 10 јуни, 2005 г.) |
87%[71] | 80 | |
2006 | ПРИКАЗНИ ОД ЗЕМЈОМОРЕ | Горо Мијазаки | Горо Мијазаки & Кеико Ниуа | Томохико Ишии & Тошио Сузуки | Тамија Терашима | Јапонија: 20 јули (САД: 13 август, 2010 г.) |
43%[72] | 47 |
2008 | ПОНЈО | Хајао Мијазаки | Тошио Сузуки | Џо Хисаиши | Јапонија: 19 јули (САД: 14 август, 2009 г.) |
92%[73] | 86 | |
2010 | АРИЕТИ | Хиромаса Јонебаши | Хајао Мијазаки & Кеико Ниуа | Сесиљ Корбел | Јапонија: 17 јули (САД: 17 февруари, 2012 г.) |
95%[74] | 80 | |
2011 | ОД РИДОТ НА БУЛКИТЕ | Гороо Мијазаки | Сатоши Такебе | Јапонија: 16 јули (САД: 14 март, 2013 г.) |
86%[75] | 71 | ||
2013 | ВЕТРОТ СЕ ЗАСИЛУВА | Хајао Мијазаки | Џо Хисаиши | Јапонија: 20 јули (САД: 21 февруари, 2014 г.) |
88%[76] | 83 | ||
ПРИКАЗНАТА ЗА ПРИНЦЕЗАТА КАГУЈА | Исао Такахата | Исао Такахата & Рико Сакагучи | Јошиаки Нишимура | Јапонија: 23 ноември (САД: 17 октомври, 2014 г.) |
100%[77] | 89 | ||
2014 | КОГА МАРНИ БЕШЕ ТАМУ | Хиромаса Јонебајаши | Хиромаса Јонебајаши, Кеико Ниуа & Масаши Андо | Такагутсу Мураматсу | Јапонија: 19 јули (САД: 22 мај, 2015 г.) |
91%[78] | 72 | |
2016 | ЦРВЕНАТА ЖЕЛКА[79] | Михаел Дудок де Вит | Паскал Феран | Тошио Сузуки & Исао Такахата | Лорент Перес дел Мар | Франција (светска премиера): 29 јуни Јапонија: 17 септември (САД: 20 јануари, 2017 г.) |
92%[80] | 86 |
2020 | ЕРВИГ И ВЕШТЕРКАТА[32] | Гороо Мијазаки | Кеико Ниуа & Еми Гунџи | Тошио Сузуки | Сатоши Такебе | Јапонија: 30 декември (САД: Рана 2021 г.) |
TBA | TBA |
2023 | МОМЧЕТО И ЧАПЈАТА[81][82][83] | Хајао Мијазаки | Џо Хисаиши | Јапонија: 14 јули 2023 г.
(САД: 6 септември 2024 г.) (Македонија: 11 април 2024 г.) |
97 | 91 | ||
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.