Шабат
ден за одмор во јудаизмот / From Wikipedia, the free encyclopedia
Шабат (хебрејски: שַׁבָּת, „одмор, прекин“) или Шабос, Шабес (јидиш: שאבּעס) — седми ден во еврејската недела посветен на одмор, со кој се памети создавањето на светот за шест дена и спасението на Евреите од ропство во Египет, како и исчекување на времето на Месијата. Според прописите, на Шабат верниците мораат строго да се воздржуваат од секакви работни активности и да се дадат на одмор и раазонода за да се уважи денот. Според преданијата, Шабат води потекло од самиот еврејски народ како неговата прва најсвета општествена установа, но други стручњаци предлагаат поинакво потекло. Различните гранки на јудаизмот имаат разни прилагодувања на Шабат, а истиот на различен начин се почитува и кај останатите аврамски и други религии.
Од Шабат потекнува името на денот сабота во македонскиот јазик, иако православните и највеќето други христијани ја сметаат неделата како ден за одмор. Поради истоветното потекло на поимот, за Шабат често се користи придавката „саботен“[1] (на пр. саботнни свеќи, саботна песна итн.) Ова е единствениот ден во неделата со име од несловенско потекло.
Според законите (халаха), Шабат се празнува од неколку минути пред зајдисонце во петок, па сè до појавувањето на три ѕвезди во сабота навечер.[2] Празникот се пречекува палење на свеќи и кажување на благослов. Се јадат три празнични оброци: навечер, наутро и доцна попладне. Вечерата почнува со кидуш (посветување) и други благослови што се кажуваат над две векни леб (хала). Завршува следната вечер со благослов „авдала“. Ова е весел празник, каде луѓето се ослободени од секодјевниот труд и задачи. Како таков, тој дава можност за размислување за духовното во животот и проведување време со семејството.