Јидиш
јазик на ашкенашките Евреи / From Wikipedia, the free encyclopedia
Јидиш (ייִדיש јидиш или אידיש идиш, букв. „еврејски“) — горногермански јазик на ашкенашките Евреи во разни делови од светот.[2] Се развил како спој од разни германски дијалекти со примеси од хебрејскиот, арамејскиот и словенскиот лексикон и извесни траги од романските јазици.[3][4] Јазикот се пишува со хебрејска азбука.
Јидиш | |
---|---|
ייִדיש | |
Застапен во | Австралија, Австрија, Аргентина, Белгија, Белорусија, БиХ, Бразил, Велика Британија, Германија, Израел, Канада, Латвија, Литванија, Мексико, Молдавија, Полска, Романија, Русија, САД, Украина, Унгарија, Франција, Холандија, Шведска и разни други |
Говорници | 1,5 милиони [1] 11 милиони како втор |
Јазично семејство | |
Писмо | хебрејска азбука (јидишка) |
Статус | |
Службен во | Украина (1918-1921) Еврејска автономна област, Русија |
Признаен како малцински во | Босна и Херцеговина Полска Романија Украина Холандија Шведска |
Регулативен орган | нема формален; YIVO (де факто) |
Јазични кодови | |
ISO 639-1 | yi |
ISO 639-2 | yid |
ISO 639-3 | yid — опсежен код Поединечни кодови: ydd — источно наречје yih — западно наречје |
Linguasphere | 52-ACB-g = 52-ACB-ga (зап. наречје) + 52-ACB-gb (ист. наречје); вкуп. 11 говори |
Потекнува од ашкенашката култура што се развила во X век во Рајнската област и потоа се проширила низ Средна и Источна Европа, па подоцна и на други континенти. Во најраните записи, јазикот се нарекува לשון־אַשכּנז (лошн-ашкнез = „ашкенски јазик“) и טײַטש (тајч, варијанта на тиуч, тогашен назив за јазикот што се говорел во подрачјето, денес наречен средногорногермански). Меѓу народот се нарекувал מאַמע־לשון (маме-лошн, „мачин јазик“), разликувајќи го од хебрејскиот и арамејскиот, кои збирно се нарекуваат לשון־קודש (лошн-којдеш, „свет јазик“). Поимот „јидиш“ почнал пошироко да се користи во XVIII век, со исклучок на периодот од крајот на XIX и почетокот на XX век, кога јазикот се нарекувал „еврејски“.
Во значаел дел од неговата историја, јидиш бил главниот говорен јазик на Евреите-Ашкенази, и некогаш сочинувал широк дијалектен континуум од западното наречје до трите големи групи на источното наречје: литвиските, полските и украинските говори. Источното наречје е карактеристично по големиот број на зборови од словенско потекло. Западното наречје денес има малкумина говорници, за разлика од источното, кое и понатаму е во широка употреба.
Јидиш е мајчин јазик на голем број ортодоксни еврејски заедници ширум светот, иако постојат и такви што не го познаваат (како да речеме македонските Евреи, чиј јазик е ладино, т.е. јудеошпански). Ова е јазик и на хасидите во домот, училиштето и во општествениот живот, но и во вишето образование во места како литванските богословски школи (јешиви).