Вода
хемиско соединение / From Wikipedia, the free encyclopedia
Вода (хемиска формула: H2O) — супстанца чии молекули се составени од два атома на водород и еден атом на кислород, а истата е важна за сите познати форми на живот.[1]
Во најчеста употреба, водата се јавува во течна агрегатна состојба, но таа има и цврста состојба (мраз) и гасна агрегатна состојба (водни испарувања или пареа). Водата покрива 71% од површината на планетата Земја.[2] На Земјата, најчесто се наоѓа во океаните и другите големи водни тела, со 1,6% вода под површината во водоносни слоеви и 0,001% во воздухот како пареа, облаци (оформени од цврсти и течни водни честички кои лебдат во воздухот) и кондензација.[3] Океаните содржат 97% од површинската вода, ледниците и поларните ледени покривки 2,4% и другите површински води како реки, езера и езерца 0,6%. Многу мала количина од Земјината вода се содржи во биолошките тела и во вештачки изработените производи.
Водата на Земјата постојано се движи во циклус на испарување или транспирација (евапотранспирација), кондензација и истечни води кои најчесто стигнуваат до морињата. Над површината, испарувањето и транспирацијата придонесуваат за кондензацијата врз земјата.
Чистата, свежа вода за пиење е неопходна за човекот и другите форми на живот. Пристапот до безбедна вода за пиење во последнава декада сигурно и значително се подобрува скоро во секој дел на светот. Постои јасна врска меѓу пристапот до безбедна вода за пиење и БДП по глава на жител.[4] Но, некои набљудувачи предвидуваат дека до 2025 повеќе од половина од светското население ќе се соочи со ранливост поврзана со вода.[5] Во извештај од ноември 2009 се предвидува дека до 2030, во некои региони на светот кои се во развој, побарувачката за вода ќе ги надмине резервите за 50%.[6] Водата има важен дел во светската економија, бидејќи функционира како растворувач за голем број различни хемиски материи и го олеснува индустриското ладење и транспорт. Приближно 70% од свежата вода се користи во земјоделството.[7]