From Wikipedia, the free encyclopedia
Acoelomorpha — потколено на многу едноставни и мали животни слични на планула кои живеат претежно во морски средини. Тие обично живеат помеѓу зрната на седименти, пливаат како планктон, или лазат по други организми, како што се алги и корали.[1] Со исклучок на два слатководни вида на ацели, сите познати Acoelomorpha се морски организми.[2]
Acoelomorpha | |
---|---|
Единки на Waminoa sp. како лазат по коралот Plerogyra sp.. | |
Научна класификација | |
Домен: | Еукариоти |
Царство: | Животни |
Колено: | Xenacoelomorpha |
Потколено: | Acoelomorpha Елерс, 1985 |
Класи | |
|
Традиционално, врз основа на морфолошки особини, Acoelomorpha биле класифицирани во коленото Platyhelminthes (сплескани црви), кое, во тоа време, било сметано за сестринска група на сите други колена на двострани животни.[3] Сепак, серија на молекуларни студии од крајот на XX век покажале дека Acoelomorpha припаѓаат на посебно животинско колено, кое најверојатно е базалното колено на двострани животни и малку поразвиено од жаркарите.[4][5][6]
Вистинската позиција на Xenacoelomorpha во филогенетското дрво на животинските организми сѐ уште не била точно одредена, а некои резултати укажувале на тоа дека тие припаѓаат на второусните (Второусни). Сепак, реанализите и зголемувањето на обемот на таксонски и генски примероци во филогеномските анализи покажале, со добра поддршка, дека вистинското место на Xenacoelomorpha е како сестринска група на Бубрежни (протостоми и деутеростоми).[7][8][9]
Ацелите поседуваат статоцист, кој им помага да се ориентираат во гравитациското поле. Поради нивните меки тела, тие се тешки за класификација.[10]
Во многу аспекти Acoelomorpha наликуваат на сплесканите црви, но тие имаат многу поедноставна анатомија. Исто како сплесканите црви, тие немаат циркулаторен, ниту респираторен систем, но, за разлика од нив, Acoelomorpha немаат ниту екскреторен систем. Кај нив, исто така, недостасуваат телесни празнини (ацеломатна структура), црево и анус.[1]
Епидермалните клетки на Acoelomorpha не се способни за делба, особина што ја споделуваат со класата Rhabditophora на сплесканите црви, и која одредено време се сметала за силен доказ дека Acoelomorpha припаѓаат на сплесканите црви. И кај двете групи на животни епидермисот се обновува од мезодермални матични клетки.[11]
Нервниот систем на Acoelomorpha се состои од група на надолжни нервни снопови, кои се наоѓаат под трепчестиот епидермис. Во близина на предниот крај на телото, овие снопови се обединуваат со една прстенеста комисура, но не формираат вистински мозок, иако се претпоставува дека ваквата организација е претходник на цефализацијата на нервниот систем кај поразвиените двострани животни.[12] По обезглавување на животното, ваквиот примитивен „мозок“ (поточно кажано, цереброиден ганглион) потполно се регенерира за период од неколку недели.[13]
Сетилните органи ги вклучуваат статоцистот, и, во некои случаи, многу примитивни оцели, кои служат за детекција на светлина.[14]
Acoelomorpha се хермафродити, но немаат гонади или канали поврзани со женскиот репродуктивен систем. Наместо тоа, гаметите ги создаваат мезенхималните клетки, кои го исполнуваат делот од телото помеѓу епидермисот и дигестивната вакуола.[14]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.