Јамболлија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Јамболлија[1][2] или дифтик[3][4] – волнена валана ткаеница со реси од едната страна. Јамболлиите што се изработувале во Македонија се ткаеле исклучиво од волна - потенко предена за основата, а подебело за јатокот и ресите, на хоризонтален разбој, најчесто во лита техника, иако се изработувале и четворни јамболлии. Во средината на 20 век почнала да се користи и памучна (бубаќерна) основа. Со оглед дека ширината на ткаеницата била ограничена од ширината на разбојот, од брдото, вообичаено јамболлиите биле составени од три дипли сошиени меѓу себе. Најчесто се користела како прекривка за кревети, гарнитури за седење, но и како завивка при спиење и простирка за под.
Remove ads
Историја
Најстарото споменување на јамболлијата во Македонија е од 1634 година во судските документи, сиџили, од Битола. Мустафа-ага во еден документ изјавува дека Мехмед-ефенди му го исплатил долгот, покрај другото и со еден јамбол во вредност од 500 акчиња. Во ова раздобје, поточно во 1625 година. јамболлијата е наведена во еден документ од дубровничкиот архив. Според податоците на патописецот Евлија Челебија од 18 век ќебиња, познати како јамболски ќебиња, се изработувале во големи количества во Сливен и Јамбол, Бугарија, и биле познати во целото Отоманско Царство. Следното споменување на јамболлијата во Македонија е од 1803 година, кога во списокот на расходите на битолските власти е наведено дека се купени јамболлии за сарајот и за харемот. Попрецизен опис на јамболлиите е даден во оставината на Спираки од Битола од 1817 година, каде се споменува една шарена јамболлија од козина. Според описот, оваа јамболлија веројатно изгледала како прилепските јамболлии од средината на 20 век кои се изработувале од козина и волна и се шарени, со геометриски мотиви. Слични на нив се и јамболските ќебиња изработувани во 20 век, кои се волнени, лито ткаени на хоризонтален разбој, со слабо усукан јаток кој ја оцртува специфичната фактура на ткаенината, валани на валавица. Најчесто имаат еднобојно поле и една или повеќе разнобојни бордури од четирите страни. Слични во техниката на ткаење, иако поразновидни во орнаментиката се и волнените валани јамболлии и доаги на овчеполските Власи.[5]
Во првата половина и средината на 20 век покривачите со реси се изработуваат кај сите сточари на Балканот (Лика, Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Македонија, Албанија, Грција, . . ресени покривки. Нивната употреба кај несточарското и градското население е спорадична и нетипична. Во одделни региони таа е понагласена, како во Македонија,-на пример, каде меѓу двете светски војни јамболлиите се изработувале најмногу во Крушево. Постарите информатори од Крушево тврдат дека „фулкаши“ имаат откако знаат за себе и дека постоело организирано производство кое се продавало на пазарите. Крушевските абаџии најмувале жени кои покрај шајак ткаеле и јамболлии-фулкаши. Овој вид на работа егзистирал сè до 60-те години на 20 век.
И во Битола во 19 и 20 век имало мајстори ткајачи кои изработувале јамболлии што биле особено барани, а се продавале во Влашката чаршија. Не се знае со сигурност дали овие јамболлии биле со реси, или пак слични на прилепските шарени козинави јамболлии, особено што во Битола и околните села ресените покривки се нарекувале дифтици. Во раздобјето по Втората светска војна во Битола се основало претпријатието „Килими и јамболлии“, а во Крушево традицијата ја продолжува фабриката "Илинденка II каде се ткаат фулкаши. Ова мануфактурно производство од Крушево и Битола по пат на трговија пристигнува и во другите градови во Македонија. Во 60-те години на 20 век започнува, а во 70-те се шири масовната употреба на јамболлијата со реси во Македонија. Набавката на јамболлии од Крушево е карактеристична за градските средини, а во селските, не само во планинските, жените почнуваат во голем број да ткаат јамболлии. Најчесто мајките ги приготвуваат за чеиз на своите ќерки. Во некои краишта чеизот се состои од килимчиња за кревет и јамболлии, а во некои само од јамболлии. Со тек на времето јамболлиите сè повеќе ги истиснуваат другите ткаеници и остануваат единствената домашно изработена ткаеница за чеиз, покрај чергата парталка. Употребата на јамболлии во 70-те, а особено во 80-те години на 20 век во Македонија била општо прифатена мода. Јамболлијата станала исклучиво еднобојна, природно бела, која е најчеста, или во природна сива или кафена боја на волната. Но, во употреба биле и еднобојно обоени јамболлии, најчесто црвени, но и портокалови, жолти, зелени. Ја користат Македонците, Албанците, Турците, Ромите, а се разбира и Власите. Во летните периоди насекаде по Македонија на прозорците и балконите се гледаат јамболлии како се сушат или ветреат. Селските жени најчесто сами ги изработуваат јамболлиите, исто како и првите поколенија доселени од село во град, кога постарите жени на сочуваните разбои им ткаат јамболлии на своите деца, и машки и женски, за чеиз. Градското население купува индустриски јамболлии од продавниците.[5]
Remove ads
Изработка
Подготвителните работи се исти како и при ткаење други ткаеници: сновење и навивање. И во процесот на ткаење на дипла за јамболлија повеќето чекори се исти како и при ткаење други ткаеници: создавање зев (подигање и спуштање на ништите), провирање на јатокот низ отворениот зев, затворање на зевот (подигање на спуштените и спуштање на подигнатите ништи), набивање на јатокот со брдото до линијата на создадената ткаенина. Разликата е што се вметнува еден дополнителен чекор по проткајување неколку реда од јатокот. Имено, во еден ред се протнуваат, поретко врзуваат, реси околу една или две нишки од основата. Процесот на проткајување и протнување реси се повторува цело време.
Со оглед дека ширината на ткаената дипла била ограничена од ширината на разбојот, од брдото, вообичаено јамболлиите биле составени од три дипли сошиени меѓу себе. На крај јамболлиите се валаат во валавици, а по желба и се бојат.[5]
Remove ads
Употреба
Јамболлиите се употребувале како прекривачи за кревети, каучи и фотелји, но и како завивки за спиење во зимските месеци. Тие се постилаат и на земја, но исклучиво во градските средини кај поимотните слоеви. Освен како чеиз, јамболлиите се даваат и како подарок за свадба, но и за други семејни пригоди. Се дарувале и на црквите за здравје.[5]
Наводи
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads