Син Нил
река во Африка, притока на Нил From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Син Нил (арапски: النيل الأزرق, ен-Нил ел-езрак) или Абај (гиз: ዓባይ - „црн“) — река во Североисточна Африка, главна притока на Нил заедно со Белиот Нил.

Remove ads
Историја на истражување


Првиот Европеец кој го забележал Синиот Нил во Етиопија е шпанскиот исусовец Педро Паес, кој дошол до неговиот извор на 21 април 1613 г.[1] Меѓутоа, првиот опис на познатите водопади на реката го дал португалскиот духовник Жоаун Бермудес, самонаречен „Патријарх на Етиопија“, во неговите мемоари од 1565 г. Веројатно е дека реката им била позната на и на други Европејци како Перо да Ковиља, кои живееле во Етиопија еден век пред Бермудес.
Изворот на Синиот Нил го посетиле и други европски дејци како португалскиот исусовски мисионер Жерониму Лубу во 1629 г. и шкотскиот патописец Џејмс Брус во 1770 г.
Првите кои го испловиле целото течение на Синиот Нил се геологот Пасквале Скатуро и снимателот Гордон Браун во 2004 г. при снимањето на документарецот Мистеријата на Нил.[2]
Remove ads
Течение
Синиот Нил е наречен поради појавата која се случува при поплавите за време на летниот монсун, кои одронуваат огромно количество на плодна почва од Етиопската Висорамнина и ја носат по реката во облик на мил, давајќи ѝ на реката темнокафеава или речиси црна боја која оддалеку делува темносина.[3]
Се смета дека реката е долга некаде помеѓу 1 460 и 1 600 км, но не е точно позната поради непристапноста на клисурите по нејзиното течение.
Според материјалите на Централната статистичка управа на Етиопија, Синиот Нил има вкупна должина од 1 450 км, од кои 800 км се во таа земја.[4] Тече во јужен правец, извирајќи од езерото Тана, па на запад низ Етиопија и потоа на северозапад во Судан. На 30 км од изворот реката навлегува во огромна клисура долга околу 400 км која ја двои Етиопија на северна и јужна половина. На десетина километри од ова место се наоѓа величествен водопад висок 45 м.
Иако езерото Тана се полни од повеќе водотеци, за извор на Синиот Нил се смета потокот Гиш Абај на височина од 2 744 м. Овој извор, наречен Гилгел Абај (Мал Абај) тече во северен правец и влева во езерото Тана. Други дотеци во езерото се Горгора, Магеч, Северна Гумара, Реб, Јужна Гумара и Килте.[5] Реката потоа тече низ северозападна Етиопија, извивајќи се низ бројни котлини и клисури, па навлегува во Судан. Оттука натаму е позната само како Син Нил.
Абај има поголем број притоки по течението од Тана до суданската граница. По низводен редослед, леви притоки се Ванка, Башило, Валака, Ванчет, Џама, Муер, Гудер, Агвел, Неди, Дидеса и Дабус. По истиот редослед, десни притоки се Хандаса, Тул, Абаја, Саде, Тами, Ча, Шита, Суха, Муга, Гула, Темча, Бечат, Катлан, Џиба, Чамога, Ветер и Белес.[5]
Реката го одминува Русајрис во Судан, па ја прима Диндер од десно кај истоименото гратче, за на крај да се влее во Белиот Нил кај Картум, образувајќи го Нил, кој продолжува низ Египет и се влева во Средоземното Море кај Александрија.
Remove ads
Полноводност
Реката достигнува најголема полноводност во дождовната сезона (од јуни до септември), кога учествува со 70-80 % од водата на Нил. Синиот Нил е од огромно значење за животот во Египет како најважна притока на Нил и главен причинител на поплавите кои ја оплодуваат неговата долина, овозможувајќи го подемот на староегипетската цивилизација и неговата митологија. Овие поплави во долен Египет престанале со изградбата на Асуанската брана во 1970 г.
Иако е пократок од Белиот, Синиот Нил е одговорен за просечно 59 % од водниот обем на Нил во Египет. Реката има суштинска улога во електростпанството на Судан, каде хидросистемите „Русајрис“ и „Сенар“ произведуваат дури од 80 % од електричната енергија во земјата. Овие брани воедно служат за наводнување на полињата кои даваат висококвалитетен памук, пченица и фуражни култури.
Во ноември 2012 г. во Етиопија е отпочната шестогодишната изградба на хидросистемот „Голема брана на Етиопската преродба“ со моќност од 6,45 гигавати, што ќе ја направи најголема хидроцентрала во Африка.
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads