Алкатраз
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Алкатраз (англиски: Alcatraz, што од шпански значи „блуна“), познат и како Карпата (англ. The Rock) — остров во Санфранцискиот Залив. Административно припаѓа на сојузната држава Калифорнија. Површината на островот изнесува 8.903 хектари.
Од ноември 1969 до јуни 1971 г., островот бил окупиран од група Индијанци од Сан Франциско, кои биле дел од бран на активизам на домородните Американци низ САД, по што во 1970-тите се одржале масовни протести. Во 1972 г., Алкатраз станал дел од националната рекреативна зона, а во 1986 г. добил статус на национален историски споменик.
Територијата на островот се користела како одбранбена тврдина, подоцна како воен затвор, а потоа и како ултра-безбеден затвор за особено опасни злосторници и за оние што се обидувале да побегнат од претходните места на притвор.
Денес, со објектите на островот управува Службата за национални паркови како дел од Националната зона за рекреација „Златна порта“, која е отворена за посети. Туристите можат да стигнат до островот со траект за помалку од 15 минути од Пристаништето 33, сместено меѓу зградата на траектната служба на Сан Франциско и Рибарското пристаниште на Сан Франциско. Официјален снабдувач на траекти до и од островот е компанијата Hornblower Cruises and Events, која оперира под името Alcatraz Cruises.
На островот Алкатраз се наоѓа напуштен затвор, кој во мигов не е активен, но таму се наоѓа и најстариот активен светилник на Западниот брег на САД, рани воени утврдувања и природни објекти, како што се карпести базени и колонија на морски птици (главно западни галеби, корморани и чапји). Според документарниот филм за историјата на Алкатраз од 1971 г., неговата висина е 41 метри на највисоката точка за време на среден прилив, има површина од околу 9 хектари и се наоѓа на 2 километри од брегот.[1]
Remove ads
Историја на островот
Откривање на островот и неговото име
Во 1775 г., Шпанецот Хуан Мануел де Ајала прв влегол во Санфранцискиот Залив. Неговиот екипаж го картографирал заливот и му го дал името Ла Исла де лос Алкатрасес (шпански: La Isla de los Alcatraces — „Остров на Блуните“) на еден од трите острови, денес познат како Yerba Buena.
Распространето е мислењето дека името можеби значело „Остров на Пеликаните“, поради големиот број од овие птици на островот. Меѓутоа, според извештаите на орнитолозите, ниту на островот ниту во близина нема колонии на пеликани и блуни, но често се среќаваат разни видови корморани и други големи водни птици.
Во 1828 г., англискиот географ, капетан Фредерик Бичи, по грешка го пренел името „Island Alcatrazes“ од шпанските карти на соседниот остров, денес познат како местоположба на славниот затвор — Алкатраз. Во 1851 г., топографската служба на Крајбрежната стража на САД го скратила името на Alcatraz.
Историја на светилникот
Откривањето на злато во Калифорнија во 1848 г. привлекло илјадници бродови кон Санфранцискиот Залив, што создало остра потреба од светилник. Првиот светилник на Алкатраз бил поставен и стапен во должност летото 1853 г. Во 1856 г., на светилникот бил поставен ѕвонец, кој се користел за време на магла. Во 1909 г., при изградбата на затворот, по 56 години употреба, првиот светилник на Алкатраз бил демонтиран. Вториот светилник бил поставен веднаш до затворската зграда на 1 декември 1909 г. А во 1963 г., светилникот бил модернизиран, направен автоматски и автономен, и веќе немало потреба од деноноќно одржување.
Тврдина
Како резултат на „златната треска“ се јавило потреба од заштита на заливот. Во 1850 г., по наредба на претседателот на САД, на островот започнало изградба на тврдина, каде што биле поставени повеќе од 110 далекуметни топови. Со текот на времето, тврдината била користена за сместување на затвореници. Во 1909 г., војската ја срушила, оставајќи само темел, а до 1912 г. била изградена нова зграда за затворениците.[2]
Затвор
Затворот Алкатраз била федерална казнено-поправна установа (федерален затвор) изградена на местото на тврдината што постоела на островот од 1850-тите. Главната затворска зграда била изградена помеѓу 1910 и 1912 г. како воен затвор на Армијата на САД.
На 12 октомври 1933 г., Министерството за правда на САД ја презело дисциплинската касарна на Тихоокеанската дивизија на Алкатраз, а во август 1934 г., по модернизацијата на објектите и зголемувањето на безбедносното ниво, островот станал затвор на Федералното биро за затвори.
Remove ads
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads
