Били Престон

американски музичар (1946 ― 2006) From Wikipedia, the free encyclopedia

Били Престон
Remove ads

Вилијам Еверет Престон (англ. William Everett Preston; 2 септември 1946 - 6 јуни 2006 година)[2] познат како Били Престон (англ. Billy Preston) ― американски клавијатурист, пејач и текстописец. Престон бил еден од најпознатите сесиски музичари во историјата на поп-музиката и во 1960-тите како сесиски клавијатурист ги поддржувал: Литл Ричард, Сем Кук, Реј Чарлс, the Everly Brothers, Џејмс Кливленд, Битлси и Ролинг Стоунс. Поради неговата соработка со Битлси често бил нарекуван како „Петтиот Битлс“

Кратки факти Били Престон, Животописни податоци ...

Престон бил примен во Куќата на славните на рокенролот во 2021 година.

Remove ads

Живот и кариера

Рани години и почетоци на кариерата

Престон е роден на 2 септември 1946 година во Хјустон[3] и на тригодишна возраст, по разводот на неговите родители, со неговата мајка се преселил во Лос Анџелес каде што Били започнал да свири на пијано. Престон бил чудо од дете, целосно самоук музичар и никогаш не земал формални часови по музика.[4] На десетгодишна возраст на сцената ја поддржувал госпел-пејачката Махалија Џексон.[2] На 11 години, Престон учествувал во ТВ-шоуто од Нат Кинг Кол на NBC.[5] Се појавил во Сент Луис Блуз, биографски филм за Вилијам Кристофер Хенди од 1958 година со Кол во главната улога; Престон го глумел Хенди на помлада возраст.[2]

Во 1962 година, Престон се придружил на групата на Литл Ричард како оргулист, а додека настапувал во Хамбург се запознал со Битлси.[2] Во 1960-тите, како сесиски музичар свирел со некои од најголемите имиња во музиката, вклучувајќи ги: Сем Кук,[6] Литл Ричард, Џими Хендрикс, Реј Чарлс и други.[3] Неговата виртуозност на клавијатури и уникатниот стил го направиле еден од најбараните музичари во тоа време.[2]

Соработка со Битлси

Били Престон е најпознат по неговата соработка со Битлси и понекогаш е нарекуван како „Петтиот Битлс“. Со членовите од групата се спријателил во 1962 година; додека Битлси работеле на албумот Let It Be, во јануари 1969 година Џорџ Харисон го поканил Престон да им се придружи на сесиите. Присуството на Престон донело нова енергија и позитивност во групата, која во тој период се соочувала со тензии и несогласувања. Престон свирел клавијатури на неколку песни од албумот, вклучувајќи ги „Get Back“ и „Something“. Снимка од нивната соработка била прикажана во документарниот филм „Битлси: Врати се“ од 2021 година во режија на Питер Џексон. Престон ја придружувал групата на нивниот последен јавен настап.[7] Во април 1969 година, нивниот сингл „Get Back“ бил објавен како „Битлси со Били Престон“; Били Престон бил единствен музичар запишан како коизведувач на песна со Битлси.[8] Заслугата беше доделена од Битлси за да се одрази степенот на присуството на Престон на патеката; неговото електрично пијано е истакнато насекаде и тој свири продолжено соло.

Во 1978 година ја глумел улогата на наредник Пепер во филмот од Роберт Стигвуд Sgt. Pepper's Lonely Hearts Club Band, кој бил базиран на истоимениот албум од Битлси.[9]

Соло-кариера и соработки со други музичари

Thumb
Престон пее на пијано во 1971 година

Откако потпишал со издавачката куќа Apple во сопственост на Битлси, во 1969 година, Престон го издал албумот That's the Way God Planned It. Албумот бил продуциран од Џорџ Харисон.По распадот на Битлси во 1970 година, Престон продолжил со успешна соло кариера. Неговото дружење со Харисон продолжило по распадот на Битлси. Тој се појавил на неколку соло-албуми на Харисон од 1970-тите, почнувајќи со All Things Must Pass; дал значаен придонес за Концертот за Бангладеш, добротворен концерт организиран од Харисон во 1971 година; настапил со него на турнеја низ Северна Америка во 1974 година; и свирел на Концерт за Џорџ во 2002 година, одржан во Ројал Алберт Хол. Престон работел на соло изданија на Ленон и на Ринго Стар.

Во 1971 година, Престон ја напуштил издавачката куќа Apple и потпишал договор со A&M Records. Негови хитови како соло-пејач се: „That's the Way God Planned It“, „Outa-Space“, „Will It Go Round in Circles“, „Space Race“, „Nothing from Nothing“ и „With You I'm Born Again“

По објавувањето на албумот I Wrote a Simple Song, Престон го достигнал врвот на неговата соло-кариера. Песната „Outa-Space“ од 1972 година го достигнала второто место на американскиот Billboard Hot 100 и била на врвот на Билбордовата топ-листа за R&B синглови, и во 1973 година освоил Греми за најдобра поп-инструментална изведба.

Од 1970 година, Престон свирел клавијатури (вклучувајќи: пијано, оргули, клавинет и разни синтисајзери) за Ролинг Стоунс. Тој бил главен клавијатурист на групата од 1973 до 1977 година. Во 1974 година, заедно со Брус Фишер, еден од неговите редовни соработници во пишување песни во 1970-тите, Престон го компонирал еден од најголемите хитови на Џо Кокер, „You Are So Beautiful“. На 11 октомври 1975 година, тој бил првиот музички гостин во првата епизода од серијата Saturday Night Live.[2] Стоунси и Престон се разделиле во 1977 година, претежно поради несогласување околу парите. Тој продолжил да свири на соло-плочи на членовите од Стоунс, како што е Wandering Spirit од Мик Џегер.

По седум години со A&M, тој потпишал со Motown. Во 1979 година, со Сирита Рајт ја отпеал баладата „With You I'm Born Again“. [2] Кариерата на Престон изгубила динамика во 1980-тите, кога тој станал зависен од кокаин и алкохол. Тој го напуштил Мотаун во 1984 година и се насочил на работа како сесиски музичар, при што придонесувал за музичари како: Лутер Вандрос, Витни Хјустон и Пети Лабел, меѓу другите. Тој бил музички директор за Ноќен живот, вечерно ток-шоу кое траело една сезона од 1986 до 1987 година.[10]

Престон имал турнеја со Ерик Клептон и на турнеја со Ринго Стар, појавувајќи се на неговиот албум во живо од 1990 година. По смртта на пијанистот Стен Селест, Престон бил поканет да стане член на The Band во 1991 година. Тој бил на турнеја со групата, [11] но затворската казна поради поседување кокаин и сексуален напад во 1991 година ја прекинала соработката.

Подоцнежни дела

Во 1997 година, Били Престон го снимил албумот You and I. Албумот бил снимен во Италија, со италијанската група Novecento. [12] Во 1998 година пеел и свирел на синтисајзер во филмот Браќата Блуз 2000, како дел од супергрупата Луизијана Гејтор Бојс.

На 29 ноември 2001 година, додека бил на турнеја и се борел со сопствените здравствени проблеми, Престон дознал дека по долго боледување починал Џорџ Харисон. Престон, како еден од долгогодишните пријатели на Харисон, настапил на Концертот за Џорџ одржан во Ројал Алберт Хол во Лондон во 2002 година.

Во 2002 година, Престон придонел за албумот од Џони Кеш American IV: The Man Comes Around, на кој свирел на пијано на песните: „Person Jesus“ и „Tеar-Stained Letter“.

Во 2004 година, Престон бил на турнеја низ Европа со the Funk Brothers и со Стив Винвуд, а потоа и со Клептон низ Европа и Северна Америка. По турнеите со Клептон, заминал за Франција, каде што настапил во една епизода од ТВ-шоуто Legends Rock . [13] Неговата изведба вклучувала дует со Сем Мур на песната „You Are So Beautiful“; ова бил последен снимен концерт на Престон.

Во 2004 година, Престон свирел како џез-оргулист на албумот со дуети од Реј Чарлс, Genius Loves Company; свирел на песната „Here We Go Again“ со Чарлс и Нора Џонс.

Во март 2005 година, тој се појавил во финалето од четвртата сезона на Американскиот идол. Истата година, ја снимил песната „Go Where No One's Gone Before“, тематска песна за аниме-серијата L/R: Licensed by Royalty.

Престон свирел на клавинет на песната „Warlocks“ за албумот од Red Hot Chili Peppers Stadium Arcadium (2006). Последни снимени песни на Престон биле придонесот на оргули за албумот 12 Songs од Нил Дајмонд (2005) и придонесот на клавијатури за албумот The Road to Escondido (2006) од Ерик Клептон и Џеј Џеј Кејл.

Remove ads

Личен живот

Сексуална ориентација

Престон во текот на животот се борел да се справи со својата хомосексуалност и со трајните ефекти од трауматичното сексуално злоставување што го претрпел како момче. Иако неговите пријатели и соработници во светот на музиката (како Кит Ричардс ) ја знаеле неговата сексуалната ориентација, Престон никогаш јавно не се изјаснил како хомосексуалец, делумно поради тоа што сметал дека тоа е во спротивност со неговите длабоко вкоренети религиозни верувања. Во својата автобиографија Живот, Кит Ричардс ги спомнал борбите на Престон со неговата хомосексуалност.[14] [15] [16]

Проблеми со законот и зависност од дрога

Во 1991 година, Престон се пријавил во програма за рехабилитација од дрога.

Додека бил на условна казна поради возење во пијана состојба во август 1991 година, Престон бил уапсен за сексуален напад врз 16-годишно момче од Мексико.[17] Момчето им кажало на властите дека Престон го однел во неговиот дом во Малибу, пушел кокаин, му покажувал порнографски слики и се обидел да го нападне пред да избега.[18] Престон беше обвинет и за напад со смртоносно оружје.[18] Откако бил подложен на тест за дрога, Престон бил позитивен на кокаин. Тој се изјаснил за виновен по обвиненијата за кокаин и за напад. Обвиненијата за секс кои вклучувале прекршочни пријави за злоупотреба на деца и изложување порнографски материјал на малолетник биле отфрлени.[18] Бил осуден на девет месеци во центар за одвикнување од дрога и три месеци домашен притвор.[2]

Во 1992 година, Престон бил осуден на 30 дена затвор за прекршување на неговата условна казна за возење во пијана состојба.

Во 1997 година, Престон бил осуден на три години затвор за поседување кокаин со што ја прекршил неговата условна казна. [2] [19] Тој претходно истата година добил тригодишна условна казна, откако бил позитивен на тест за употреба на кокаин.

Додека бил во затвор во 1998 година, Престон бил обвинет за измама со осигурувањето тешка 1 милион долари откако ја запалил неговата куќа во Лос Анџелес.[2][20] Тој ја признал вината и се согласил да сведочи против другите обвинети вклучени во измамата.[21] Побарал пет години условна казна, една година затвор и 60 000 долари како надомест. Условната и затворската казна течеле истовремено со неговата пресуда за поседување кокаин.[21] Одлежал 18 месеци од четиригодишната затворска казна, по што престанал да користи дрога.[22]

Remove ads

Смрт и наследство

Престон имал проблеми со бубрезите во неговите подоцнежни години, предизвикани од неговата хипертензија. Во 2002 година му бил трансплантиран бубрег, но неговото здравје продолжило да се влошува. Додека бил во клиника за рехабилитација од дрога во Малибу претрпел перикардитис кој предизвикал респираторна инсуфициенција и од 21 ноември 2005 година бил во кома.[1] Престон починал на 6 јуни 2006 година во Скотсдејл, Аризона.[2]

Неговото наследство продолжува да живее преку музиката што ја создал и влијанието што го имал врз многу музичари и обожаватели ширум светот. Престон останува запаметен како еден од најголемите клавијатуристи од неговото време и како „Петтиот Битлс“, кој донел нова енергија и креативност во една од најголемите музички групи на сите времиња.

Награди и номинации

Престон бил номиниран за девет Греми награди, а освоил две. Во 1973 година освоил Греми за најдобра поп-инструментална изведба за „Outa-Space“. Истата година добил Греми награда за албум на годината за неговиот придонес во албумот The Concert For Bangla Desh.[23] Во 2021 година бил примен во Куќата на славните на рокенролот.[24]

Дискографија

Студиски албуми

  • 16 Yr. Old Soul (1963)
  • The Most Exciting Organ Ever (1965)
  • Early Hits of '65 (1965)
  • Wildest Organ in Town! (1966)
  • Club Meeting (1967)
  • That's the Way God Planned It (1969)
  • Encouraging Words (1970)
  • I Wrote a Simple Song (1971)
  • Music Is My Life (1972)
  • Everybody Likes Some Kind of Music (1973)
  • The Kids & Me (1974)
  • It's My Pleasure (1975)
  • Billy Preston (1976)
  • A Whole New Thing (1977)
  • Late at Night (1979)
  • Pressin' On (1982)
  • On the Air (1984)
  • You Can't Keep a Good Man Down (1986)
  • Billy's Back (1995)
  • You and I (1997)
Remove ads

Наводи

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads