Витештво
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Витештво или рицарство[1][2] — привилегиран средновековен сталеж (обично благороднички), кој поседува воена обука и им служи на претставниците на повисоките сталежи.[3][4]

Посветувањето во витештво е кралска награда за добра служба. Постојат витешки братства (редови), кои се делат на верски и световни. Во верските спаѓаат оние чии членови полагаат верски завет, на пример, витезите темплари и витезите болничари, основани за време на борбата против Сарацените. Световните братства се состојат од витези во кралска служба и припаѓаат на високата аристократија. Настанувањето на витештвото се поврзува со Средновековна Франција и Шпанија, но се проширува низ цела Европа, достигнувајќи најголем подем во XII–XIII век и играјќи важна улога за време на крстоносните походи. Сталежот исчезнува со појавата на огненото оружје и со зголемувањето на улогата на пешадијата.[5]
Во поширока смисла, поимот витештво е зачуван и денес како посебен кодекс на однесување и систем на доблести (храброст, праведност, милосрдност, дарежливост, благородност, целомудрие), чест и љубезност. Благодарение на конкретната средновековна куртоазна книжевност, која ги опишува витешките подвизи во витешки романи, во масовната свест се создава романтичен лик на галантниот витез, а самиот збор „витез“ со текот на времето станува синоним за благороден човек. Името доаѓа од францускиот збор chevalerie, кое потекнува од chevalier, што значи витез, кое пак потекнува од cheval (коњ). Со ова се поврзани и поимите „кавалерство“ и „кавалер“, кои опишуваат љубезно однесување, особено од маж кон жена.
Remove ads
Етимологија
Во различните региони на Западна Европа, витештвото се развива на различен начин. Во Франција и Англија, сталежот се образува претежно од благородници. Во Германија и Јужна Шпанија се водат непрекинати војни — соодветно со Словените и Унгарците и со Маврите — и затоа во сталежот се вклучуваат т.н. селски витези, кои доаѓаат главно од граничните гарнизони. Уште на почетокот на XI век, месните жители им даваат соодветни имиња. Во Јужна Франција и Шпанија, тие се нарекувале cabalarii, што потекнува од латинскиот збор caballarius, коњаник. Во Северна Франција, витезот е chevalier, во превод „коњаник“, а во Германија Ritter. Во Англија, зборот knight потекнува од германскиот Knecht (слуга) и се поврзува со првата етапа од обуката на идниот витез.
Remove ads
Обред на посветување во витези
Уште во времето на Такит, врачувањето оружје на младиот Германец во присуство на народното собрание го означувало неговото полнолетство. Оружјето го врачувал некој од водачите на племето, или таткото, или роднина на младиот човек. Карло Велики во 791 г. свечено го опашал со меч својот 13-годишен син Лудвиг, а Лудвиг во 838 г. — својот 15-годишен син Карло. Овој германски обичај легнал во основата на средновековното посветување во витези, како членови на воински клан. Посветувањето во витези во средновековните латински текстови било означено со зборовите „да се облече воински појас“. Витез долго време можел да стане секој. Најпрво, витештвото се доделувало, по германска традиција, на 12, 15, 19 години, но во XIII век е забележлива желбата тоа да се помести до полнолетство, односно до 21-та година. Секој витез можел да посветува во витези, но почесто тоа го правеле роднините на посветуваниот. Владетелите, кралевите и императорите се стремеле ова право да го задржат за себе.
Во XI–XII век, на германскиот обичај на врачување оружје се приклучил обред на приврзување златни шпори, облекување оклоп и шлем, и капење пред облекувањето. Colée, или ударот со дланка по вратот, влегол во употреба подоцна. За витезот тоа било проверка на понизноста и се проширило од север. Некои истражувачи го поврзуваат со Римскиот акт за ослободување (за неслободниот коњаник, приемот во витези било всушност ослободување). Тоа бил единствениот удар во целиот живот на витезот што можел да го прими без да го возврати. При крајот на обредот, витезот скокнувал на коњот без да ги допре стремените, галопирал и со удар од копје погодувал манекени поставени на столбови. Понекогаш, самите витези барале црквата да им го посвети оружјето, и на тој начин во обредот почнале да се вовлекуваат христијански обичаи. Меѓутоа, на почетокот церемонијата на посветување имала световен карактер. Но влијанието на црквата врз воениот сталеж било забележително: најпрво преку заклетва за верност, потоа преку заклетва на Земната или Божествената светлина, и на крај — преку обред на посветување на оружјето пред да му се врачи на воинот при достигнувањето на зрелоста. „Верноста“ вклучувала исполнување на христијанската должност да му се служи на Бог, да се бранат црквата, вдовиците, сираците, како и обврската да се одржува правдата, итн.
Така, црквата го вклучила посветувањето во верски рамки, претворајќи го во верска церемонија. Посветувањето најчесто се вршело на празници: Божиќ, Богојавление (Водици), Велигден. Се појавил обичајот на „ноќна стража“: пред посветувањето, навечер, оној што се посветувал морал да оди во црква и да ја помине целата ноќ во храмот покрај олтарот. Морал да остане буден и да се моли. На изгрејсонце, ноќната стража завршувала и црквата се исполнувала со луѓе. Посветуваниот морал да издржи миса, да се исповеда, да се причести, потоа да го положи своето оружје на олтарот и да клекне пред свештеникот, кој го благословувал неговиот меч, а потоа, со молитва, му го врачувал. Благословувајќи го оружјето, црквата ја всадувала мислата дека витезот требало да биде христијански воин и заштитник на црквата. Потоа се вршел световниот дел: опашување со меч, „удар“, „манекен“, а понекогаш свештеникот не само што го осветувал мечот, туку и го опашувал витезот.
Remove ads
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads