Монеро
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Монеро (англиски: Monero скратено: XMR) — децентрализирана криптовалута која се фокусира на приватноста, анонимноста и сигурноста на финансиските трансакции.[1] За разлика од Биткоин и повеќето други криптовалути, каде што трансакциите се јавно видливи и следливи на блокчејн, Монеро користи напредни криптографски техники за да ги прикрие податоците за испраќачот, примачот и износот на трансакцијата.[2]
Оваа криптовалута се базира на CryptoNote протоколот, кој е дизајниран да нуди поголема приватност и заменливост (fungibility), што значи дека секој Monero коин е идентичен со другите и не може да биде „означен“ или цензуриран поради претходните трансакции.[3]
Откако беше лансиран во 2014 година, Монеро стана една од најпопуларните криптовалути со фокус на приватноста. Се користи во различни контексти – од заштита на личните финансиски податоци до анонимни донации и плаќања. Но, токму ова ниво на анонимност и неконтролираност го направи Монеро привлечен и за криминални организации, терористички групи и авторитарни режими кои сакаат да ги избегнат финансиските санкции.[4][5]
Remove ads
Историјат
Проектот Монеро започнал како форк на Bytecoin, кој беше базиран на CryptoNote протоколот, технологија дизајнирана да обезбеди повисоко ниво на анонимност во споредба со другите криптовалути.[6] Првично, оваа криптовалута беше позната под името BitMonero, што претставуваше комбинација од „бит“ (како во Биткоин) и „монеро“ – збор кој на есперанто значи монета.[7] Меѓутоа, заедницата брзо го скрати името на Монеро, како дел од напорите за поедноставување и подобра идентификација на проектот.
Во текот на времето, Монеро продолжи да се развива благодарение на својата активна заедница на програмери и корисници. Приватноста и безбедноста на Монеро беа дополнително зголемени преку воведување на нови технологии како што се прстен потписи,[8] скришум адреси[9] и доверливи трансакции (RingCT),[10] кои овозможуваат целосно анонимни трансакции и невидливи износи. Покрај тоа, континуираните надградби на протоколот го направија Монеро една од најиновативните криптовалути со фокус на приватноста, привлекувајќи поддржувачи, но и внимание од регулаторите ширум светот.
Во мај 2022 година, на Монеро блокчејнот започна tail emission – механизам кој осигурува дека 0,6 XMR ќе бидат емитувани со секој новоизкопан блок засекогаш.[11] Ова значи дека, за разлика од Биткоин, кој има фиксна понуда од 21 милион коини, Монеро нема апсолутен лимит на понудата, туку гарантира минимална, постојана емисија на нови монети. Континуираната емисија на 0,6 XMR по блок придонесува за стабилна инфлација од околу 0,87% во 2022 година, процент што ќе продолжи да опаѓа со текот на времето. Ова осигурува дека Монеро останува одржлива, функционална и безбедна мрежа, без потреба од зависност од трансакциски такси како примарен извор на награди за рударите.[12]
Remove ads
Критика
Некои истражувања покажуваат дека Монеро сè почесто се користи на дарквеб пазари за нелегална трговија, како што се продажба на дрога, оружје и хакирани податоци. Поради неговата неспособност да биде лесно следен, за разлика од Биткоин, Монеро станува криптовалутата на избор за оние кои сакаат да ги сокријат своите финансиски активности од властите.[13]
Одредени држави под меѓународни санкции истражуваат начини за користење на анонимни криптовалути, како Монеро, за да ги заобиколат финансиските ограничувања. Хакерски групи поврзани со овие режими исто така користат Монеро за перење на средствата стекнати преку сајбер напади и рансомвер напади.[14] Терористичката организација Исламска држава исто така барала средства преку Монеро мрежата.[15]
Овие загрижености доведоа до тоа некои владини агенции, вклучувајќи ја и американската IRS, да понудат награди за развој на алатки за следење на Монеро трансакциите.[16] Иако засега не постојат целосно ефективни методи за декриптирање на Монеро блокчејнот, зголемената регулаторна контрола и притисокот од властите можат да имаат влијание врз неговата иднина.[17]
Remove ads
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads