Скутина
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Скутина претставува ткаенина со правоаголна форма, обликувана од една или две хоризонтално или вертикално соединети дипли, најчесто украсена со вткаена орнаментална декорација уште при самиот процес на ткаењето. Таа е суштински и задолжителен дел од составот на женските народни носии (и кај мал дел од машките), во сите региони на Македонија. Со својата централна позиција во однос на останатите облеки, од визуелна перпспектива, скутината одигрува клучна улога во определувањето на физиономијата на народната носија.[1] Исполнувала три функции: практичност, заштита и украсување. Жените ја носеле целиот живот, почнувајќи од детството па сè до длабоката старост. Излегувањето од дома без скутина се сметало за непристојно, бидејќи било „срамота“ да се покажуваат „голи скутови“.[2] Кога се опашувала уште од најрано детство се викала опашулче (Скопска Блатија) или скутале и се ткаела од една дипла. Таа се врзувала под мишките на детето и служела за да го загрее и заштити од нечистотии.[3]
Remove ads
Карактеристики
Скутината се среќава под различни називи во разни региони: вута или фута, скутина (во Скопска Блатија, Долни Полог, села под Сува Гора, Мијаци, Дебарски Дримкол и Леринска Река), скутача (во Жеглигово, Средорек и Дурачка Река), утајка (во Скопска Црна Гора), завјачка (во Долни Полог), завељка (во села под Сува Гора), опрегач (во Горни Полог), пештерка (во Горна Река), бовча (во Мијаци и Дебарско Поле), бокчеинца (во Голо Брдо), претцемник (во Горна Преспа), прегач (во Мариово, Струмичко Поле, Радовишко Поле, Серско, Драмско, Воденско и Леринско), опашалка (во Прилепско Поле), скутник (во Охридско Поле, Струшко Поле, Струшки Дримкол, Малесија, Кичевија, Дебарца, Железник и Порече), дипла или диљка (во источниот дел на Славиште и Радовишко Поле), ихрам (во Драмско).[4] Во Скопска Блатија само скутините кои се носеле во средината на 19-ти век се нарекувале скутини, додека сите други - постарите и посовремените, се нарекувале вута или фута. Најверојатно старото име скутина било заменето со турско (односно арапско) – фута.[3]
Материјалите за изработка на скутините биле определени од природните услови и стопанските прилики кај населението. Во планинските или потпланинските предели волната претставувала главна суровина за ткаење на скутините, додека во местата со поблага клима (Тиквеш) се користел и памукот - бубаќерно платно. Волната поминувала долг процес на обработка: перење на волната, чистење и развласување, влачење, предење, боење и ткаење, при што, истиот бил целосно изведуван од жените.[2]

Најчесто скутините се состоеле од две дипли или струка (два дела) соединети хоризонтално или вертикално. За време на невестинството се носеле скутини со помали димензии кои биле едноделни. Невестинската скутина, наречена чултар, била масивна (поголема) и била проширена во долниот дел (во Прилепско и Битолско Поле). Поретко, во некои краишта на Македонија, се носеле две скутини – едната напред, а другата назад (во Мавровско Поле, Горна Река и Горни Полог). Украсите на скутините најчесто се наоѓале на краевите и вклучувале волнени рески, волнени топчиња, лскавци, ширити, стакленца или монети, кои биле пришиени на текстилот.[4] Еден од начините за украсување на женските скутини е примената на индустриска тантела по страничните рабови. Слично, хоризонтално се украсува и спојниот шев меѓу струките.[5]
Remove ads
Орнаментика
Со својата практична и естетска улога, македонските народни носии биле користени од сите возрасни групи и и во сите прилики, појавувајќи се во бројни варијанти со различен декоративен и ликовен третман. Геометриските орнаменти, создадени поради ограничените ткајачки техники, се среќаваат кај сите скутини – од најмалите до најголемите, како што е рустичната чултар.
Во зависност од локалните традиции, некои од овие карактеристични ракотворби, покрај вткаената орнаментика, вклучувале и други украсни елементи: гајтани, метални украси, монистра, пулејки и рески. На пример, во планинските сточарски области, каде овчарството било главна дејност, волната се користела за изработка на вешто усукани волнени рески. Овие декоративни елементи биле присутни не само на облеката, туку и на женските скутини. Меѓу нив, особено се истакнува невестинската скутина кивчена бовча, дел од носијата на Мијаците.[1]
Според орнаментиката постојат неколку видови скутини:

Скутина единичарка или „невестинска скутина“ — изработена од две струки, ткаена со техниката „на прсти" или „с'с прсти" , карактеристична по своето орнаментално решение кое вклучува едно големо „коло“ и две вертикални половини. Колоритот се состоел од црно-црвени тонови, дополнети со бели и жолти акценти.
Скутина перушанка — исто така со две струки, но со посложена орнаментика. Се јавува во две верзии: „црвена перушанка“ и „црна перушанка“. Основата обично е во црвено-црни пруги, а мотивите се изведени со техниката „прсти“. Преплетувањето на основата со украсите создава хармонични комбинации, што ја прави исклучително атрактивна. Визуелниот ефект е особено впечатлив, поради префинетите геометриски орнаменти слични на оние кај старите килими.
Скутина шамијарка — понова варијанта, носена од девојки и млади жени. Се појавила меѓу двете светски војни, а името го добила по мотивите преземени од индустриските шамии популарни во тоа време. Кај постарите „шамијарки“ доминираат геометриските орнаменти, додека кај поновите се застапени стилизирани цветни мотиви и гранки.
Најчесто скутините биле ткаени на „штица“, а структурата на ткаењето создавала впечаток како да се везени.[5] Покрај вткаените орнаменти и волнените рески, кај некои скутини (како во Горна Река и Мавровско Поле) декоративноста била збогатена и со вез. Најоригинален пример за ова бил невестинската скутина срмена утајка од Скопска Црна Гора, целосно извезена со сребрена и златна срма, со релјефни кружни мотиви (колца). Овој уникатен везен третман покажувал посебна ликовна вредност, откривајќи ги бескрајните можности на народната уметност.
Неопходно е да се спомене и уникатниот метод на создавање на орнаментални елементи познати како берени или пребир. Овие декоративни мотиви се користеле за украсување на различни текстилни производи, како и на делови од народните носии, на пример, некои женски кошули и саи од регионите на Југоисточна Македонија: Радовишко-струмичкиот крај, Разлошко, Петричко, Светиврачко (Санданско), Мелничко, Драмско, Серско, Неврокопско (Гоцеделчевско), Њугушко и Воденско. Вплетувани вешто уште во текот на изработката на платното, овие орнаменти создавале ефект на везена декорација со посебна визуелна и уметничка вредност. Токму поради овие причини овој метод на ткаење е бил познат и како шар на разбој или вез на разбој. Најрепрезентативен, со сложени и богати орнаментални композиции, тој бил особено застапен во украсите на долните делови на женските кошули од Воденско. Сличен начин на украсување се среќава и кај невестинските покривки за глава (убруси) во Прилепско-битолскиот регион, Мариово, како и кај невестинските марами во Охридско и Струшкиот крај.[1]
Remove ads
Машки скутини
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads