Социјализам

политичка идеологија From Wikipedia, the free encyclopedia

Remove ads

Социјализмот е идеологија чие централно залагање е замена на капиталистичкото општество со општество што ќе се одликува со намалување на општествените разлики, со замена на приватната сопственост над средствата за производство со државна и општествена сопственост, со воведување на мерки на економско планирање и со нагласување на економската соработка наместо на економскиот напредок. Од аспект на општественото уредување, социјализмот претставува општествено уредување засновано на средствата за производство и врз распределбата на доходот според принципот: секому според трудот и резултатите на трудот.[1]. Најчесто, социјализмот се сфаќа во значењето што му го дал марксизмот, имено, како преоден период, подготвителна фаза која ќе води кон комунизам.

Кратки факти Струи, Клучни теми и прашања ...

Социјализмот не е хомогена идеологија и постојат повеќе политички правци кои можат да се опфатат со поимот „социјализам“. Во најшироко значење, како социјалисти се класифицираат социјалдемократите, демократските социјалисти, комунистите и анархистите, потесното сфаќање ги склучува анархистите, а според најтесното значење како социјалисти се подразбираат само демократските социјалисти. Во секој случај, разликите помеќу различните социјалисти се толку големи што не може да се зборува за една социјалистичка идеологија, туку само за повеќе социјалистички идеологии.

Социјалистичките идеологии меѓу себе се разликуваат речиси по сите прашања кои нивните приврзаници ги сметаат за клучни:

  • Дали замената на капиталистичкото со социјалистичко општество треба да се изврши по пат на револуција или преку еволуција?
  • Дали треба да се национализираат сите средства за производство, дали треба да се национализираат само одредени средства за производство, или треба средствата за производство веднаш да преминат во општествена сопственост?
  • Дали треба да се укине демократијата по доаѓањето на власт, односно, дали и во која мера треба да се прифати демократијата која постои во капитализмот?
  • Кој треба да биде двигател во градењето на социјализмот: обичните граѓани („пролетеријатот“) или партијата што дојде на власт со социјалистички претензии?
  • Каков треба да биде односот кон оние што се противат на новата социјалистичка власт? Дали нивните човекови права треба да се почитуваат или не?
  • Дали треба да им се посветува посебно внимание на прашањата што предизвикуваат значителен интерес, а не се поврзани со економските односи помеѓу класите, како заштитата на животната средина, феминизмот итн.?
  • Дали режимите на чие чело беа или се комунисти (како Советскиот Сојуз, Кина, Куба, СФР Југославија итн.) можат да се сметаат за социјалистички или беа облици на државен капитализам?
Remove ads

Историја на социјализмот

Социјалистичкото движење во Велика Британија

Почетоците на социјалистичкото движење во Британија се поврзани основањето на Демократската Федерација во 1881 година и со Фабијанското Друштво (англиски: Fabian Society), основано во 1883 година. На почетокот, Фабијанците држеле предавања, наменети за работничката класа, но и за буржоазијата, но исто така одржувале контакти со влијателни економски, работнички и политички личности, барајќи поддршка за своите ставови. Покрај тоа, Фабијанците имале големо влијание во јавната администрација. Фабијанците биле противници на класната борба и се залагале за темелна, но постепена преобразба на општеството.[2]

Социјалистичкото движење во Германија

Првата социјалистичка партија која била доволно силна за да претставува сериозен фактор во германскиот политички живот се појавила во 1875 година, кога со спојувањето на двете социјалистички групи, едната под водство на Фердинанд Ласал, а другата предводена од Бебел и Либкнехт, била основана Социјалдемократската партија. Во тоа време, со донесувањето на Готската програма, Социјалдемократската партија значително ги прифатила ставовите на Ласал, но подоцна, со Ерфуртската програма од 1891 година се приклонила кон марксизмот. Нејзината политичка моќ постојано се зголемувала и во 1914 година таа имала 110 од вкупно 397 пратеници во Рајхстагот. Под раководството на Бебел, Социјалдемократската партија постигнала завидно ниво на организираност и активност: таа имала своја партиска бирократија, партиски весник, цврсти финансии, постари и угледни државници итн. Подоцна, во рамките на партијата се појавиле различни фракции, како радикалната група на Роза Луксембург, ортодоксните марксисти на Карл Кауцки и ревизионистите на Едуард Бернштајн кои ја отфрлиле идејата за класната борба и ја прифатиле соработката со буржоазијата. Ревизионизмот на Бернштајн бил остро осуден од Бебел на конвенциите во Хановер (1899) и Дрезден (1903). Како последица на големите разидувања во Социјалдемократската партија, во март 1916 година, Кауцки и Хасе ја напуштиле партијата и во 1917 година ја основале Независната социјалдемократска партија, но во 1919 година, повеќето од нејзините најзначајни членови пак се вратиле во Социјалдемократската партија. Во 1916 година, незадоволните членови на Социјалдемократите, предводени од Роза Луксембург и Карл Либкнехт ја основале Лигата Спартак.[3]

Социјалистичкото движење во Русија

Првите марксистички групи во Русија се појавиле во 1883 година, под водство на Георги Плеханов, кој се наметнал како водечка личност во првите две децении по појавата на марксизмот во Русија. Од овие групи, во 1898 година настанала Социјалдемократската партија, која во 1903 година се поделила на две групи - меншевици и болшевици.[4]

Социјалистичкото движење во САД

Првата голема и значајна работничка организација во САД била „Редот на витезите на трудот“ (англиски: Order of The Knights of Labor), особена активна во периодот 1878-1889, а која во нејизниот врв (1886 година) имала речиси 700 000 челнови. Таа ги опфаќала претежно неквалификуваните индустриски работници, а нејзините програми биле смеса од задружни, социјалистички и анархистички идеи. Во 1893 година, социјалистичкото крило на Редот на витезите, предводено од марксистичкиот интелектуалец Даниел Де Леон, му се спротивставило на раководството и, две години подоцна, Де Леон ја основал Социјалистичката трговска и трудова алијанса (англиски: Socialist Trade and labor Alliance). Претходно, во 1890 година била основана Социјалистичката работничка партија (англиски: Socialist Labor Party), која набргу најпрвин се поделила, а потоа поголемиот дел од членството преминал во новата Социјалистичка партија.[5]

Социјалистичкото движење во Франција

Кон крајот на 19 век, во Франција постоеле повеќе социјалистички групи и партии со многу различни идеологии, како: партијата на Луј Блан, која била само мала група на интелектуалци, активна во Париз и уште два-три други големи града; марскистичката партија на Гесде и Лафарж, основана во 1883 година; пучистите на Ерве; реформистите на Жан Жорес итн. Во 1893 година дошло до обединување на социјалистичките групи во парламентот (со вкупно 48 пратеници), а во 1905 година била основана Обединетата социјалистичка партија. До почетокот на Првата светска војна, групата на Гесде ја одбивала соработката со буржоаските партии, за разлика од реформистите на Жорес кои застанале во одбрана на владата за време на Драјфусовата афера (1898 година), а во 1899 година, Милеран, водечката личност на т.н. социјалистичка левица, влегол во состав на владиниот кабинет на Валдек-Русо.[6]

Remove ads

Теорија на социјализмот

Во својот роман „Браќа Карамазови“, рускиот писател Фјодор Достоевски тврди дека „социјализмот не е само работничко прашање... туку, тоа е претежно атеистичко прашање.“[7]

Социјализмот како тема во уметноста и во популарната култура

  • „Социјалист“ (англиски: Socialist) — песна на британската рок-група ПИЛ (Public Image Ltd.) од 1979 година.[8]

Наводи

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads