Алкин
From Wikipedia, the free encyclopedia
Алкините се незаситени јаглеводороди во чии молекули постои една тројна врска меѓу два јаглеродни атоми.
Првиот член од алкините, етин (или ацетилен), содржи два јаглеродни атоми сврзани со тројна врска[1]. При образувањето на тројната врска јаглеродните атоми мора да се sp хибридизирани, што значи дека кај секој од двата јаглеродни атоми се образуваат две хибридни sp орбитали, а им преостануваат уште по две нехибридизирани p орбитали. Јаглеродните атоми се сврзуваат меѓусебно со по една од хибридните орбитали, а со другата со по еден водороден атом, образувајќи притоа σ (сигма) врски. Хибридните sp орбитали лежат долж една права, па според тоа двата јаглеродни атоми и водородните атоми сврзани за нив лежат, исто така, на една права.
Преостанатите две нехибридизирани p орбитали на секој од C-атомите се сврзуваат меѓусебе со бочно препокривање градејќи две π (пи) врски, кои стојат нормално една во однос на друга и нормално во однос на σ-врските. На ваков начин во молекулата се образува тројна врска. Значи, во молекулата на етинот се образува една тројна врска и две единечни врски, односно три σ и две π-врски.
Алкините со поголем број јаглеродни атоми имаат иста градба во делот од молекулата каде што е присутна тројната врска, а останатиот дел од јаглеродната низа се состои од тетраедарски хибридизирани јаглеродни атоми.