Бруто-домашен производ
From Wikipedia, the free encyclopedia
Бруто-домашен производ (БДП) (англиски: gross domestic product, GDP) — еден од основните показатели на големината и успехот на една економија. Тој е централна макроекономска категорија преку која се мери вкупната економска активност на една земја.
Бруто-домашниот производ се дефинира како вкупната пазарна вредност на сите произведени финални добра и услуги во една земја во одреден период (вообичаено, една година). Според тоа, во БДП се вклучуваат само финалните добра, т.е. се исклучува вредноста на интермедијарите производи во производството. Изразот бруто се однесува на фактот дека амортизацијата на капиталните фондови е вклучена во пресметката на БДП. Значи, доколку се одземе амортизацијата на капиталните фондови би се добил нето домашен производ.