Винсент ван Гог
холандски постимпресионистички сликар / From Wikipedia, the free encyclopedia
Винсент Вилем ван Гог[1] (30 март 1853 - 29 јули 1890 ) бил холандски постимпресионистички сликар, чии дела имале големо влијание врз уметноста во XX век, поради живите бои и отсликувањето на чувствата. Боледувал од анксиозност и имал чести напади на ментална болест, а починал на 37-годишна возраст, извршувајќи самоубиство.
Винсент ван Гог | |
---|---|
Роден(а) | 30 март 1853 Цундерт, Холандија |
Починал(а) | 29 јули 1890(1890-07-29) (возр. 37) Овер на Оаза, Франција |
Националност | Холанѓанец |
Познат(а) по | Сликар |
Значајни дела | „Јадачи на компири“, „Сончогледи“, „Ѕвездена ноќ“, „Ириси“, „Портрет на докторот Гаше„, „Пред портата на вечноста“ |
Правец | постимпресионизам |
Додека бил жив не бил многу ценет, но неговата слава пораснала по неговата смрт. Денес, тој се смета за еден од најголемите сликари во историјата и има значаен придонес во почетоците на современата уметност. Ван Гог почнал да слика кон крајот на третата декада од својот живот, и најголемиот дел од неговите најпознати дела ги изработил во последните две години од животот. Изработил повеќе од 2.000 уметнички дела, од кои околу 900 слики и 1100 цртежи и скици. Иако бил малку познат додека бил жив, неговата работа имала силно влијание врз современата уметност. Денес многу од неговите дела, вклучувајќи ги и многубројните автопортрети, пејзажи, портрети и сончогледи, се меѓу најпрепознатливите и најскапи уметнички дела.
Својата рана зрелост, Ван Гог ја поминувал работејќи во фирма за трговија со уметнички дела и често патувал во Хаг, Лондон и Париз, по што заминал да учителствува во Англија. Како мал имал желба да стане свештеник и да го проповеда евангелието, па од 1879 година работел како мисионер во рударски регион во Белгија. Во тоа време почнал да црта луѓе од локалната заедница, и во 1885 го насликал своето прво значајно дело „Компиројадачи“. Во тоа време, неговата палета на бои се состоела главно од мрачни земјени тонови и воопшто не ја навестувала употребата на живописен колорит, препознатлив за неговите подоцнежни дела. Во март 1886 година, се преселил во Париз, каде се запознал со француските импресионисти. Подоцна живеел во јужна Франција и бил понесен од силната сончева светлина која ја пронашол таму. Во неговите дела, ја зголемил употребата на светли бои со што создал единствен и препознатлив стил, кој бил целосно разбран за време на неговиот престој во Арл во 1888 година.
По неговата смрт, чест предмет на шпекулации е степенот до кој неговата ментална болест имала влијание врз неговите дела.