британски астроном From Wikipedia, the free encyclopedia
Вилијам Ласел (англиски: William Lassell; 18 јуни 1799 – 5 октомври 1880 ) — англиски трговец и астроном.[1][2][3][4][5][6] Запомнет е како усовршувач на рефлекторскиот телескоп и откривач на четири месечини.
Ласел е роден во 1799 г. во Болтон, Ланкашир. Почетното образование го стекнал во родниот град, а потоа на Академијата во Рочдејл.[7] По смртта на татко му, од 1814 до 1821 г. чиракувал кај трговец во Ливерлуп. Потоа почнал да се занимава со пиварство, од кое стекнал значајно богатство, што му овозможило да се занимава со астрономија. Изградил опсерваторија во неговата куќа во Западен Дарби, Ливерпул. Таму поставил рефлекторски телескоп со метално огледало со отвор 610 мм, и прв почнал да користи екваторски држач за лесно следење на телата додека се врти Земјата. Огледалото самиот го брусел и мазнел, користејќи се со самоделна опрема. Во 1854 г. ја префрлил опсерваторијата во Бредстоун.
Во 1846 г. користејќи самоделен инструмент Ласел го открил Тритон, најголемата месечина на Нептун, само 17 дена по откривањето на самата планета од германскиот астроном Јохан Готфрид Гале.[8][9][10] Во 1848 г. независно ја открил Сатурновата месечина Хиперион.[9][11] Во 1851 г. ги открил и Урановите месечини Ариел и Умбриел.
Во 1855 г. изработил 1,2-метарски телескоп и го поставил на Малта како место со подобра видливост од облачната Англија. На Малта провел неколку години, па се вратил во Англија и се преселил во Мејденхед каде работел со 610-милиметарски телескоп во тамошната опсерваторија. Големиот телескоп на Малта бил расклопен и расходуван.[12] Во 1880-тите, 610-милиметарскиот телескоп е префрлен во Гриничката опсерваторија, но потоа бил расклопен.[9]
Ласел членувал во Кралското астрономско друштво од 1839 г. Во 1849 г. го освоил Златниот медал на друштвото и од 1870 г. две години бил негов претседател.[13] Во 1849 г бил избран за член на Кралското друштво. Во 1858 г. го добил неговиот Кралски медал.[14] Членувал и во Кралското книжевно друштво.[15] Бил избран за почесен член на Кралското друштво на Единбург и Научното друштво во Упсала, а примил и почесен докторат по правни науки од Кембричкиот универзитет in 1874.[16]
Ласел починал во Мејденхед во 1880 г., и погребан во црквата „Св. Лука“.[17] На смртната постела оставил богатство од 80.000 фунти (околу 8.500.000 фунти во 2021 г.). Неговиот телескоп е предаден на Гриничката опсерваторија.
Во негова чест се наречени кратерот Ласел на Месечината, истоимениот кратер на Марс, астероидот 2636 Ласел и прстен на Нептун. Ливерпулскиот универзитет секоја година ја доделува наградата „Вилијам Ласел“ за најуспешниот студент по физика со астрономија.[18][19]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.