Клеточно дишење
From Wikipedia, the free encyclopedia
Во рамките на метаболизмот во живите организми, клеточното дишење е процес во текот на кој се оксидираат молекулите од храната (на пример, гликозата се оксидира во јаглерод диоксид и вода). Енергијата која притоа се добива се заробува во високоенергетското соединение ATP и се користи за одвивање на сите активности во клетката за кои таа е потребна.
Клеточното дишење се нарекува и внатрешно дишење, за разлика од надворешното дишење кое претставува размена на кислородот и јаглерод диоксидот меѓу алвеолите (од белите дробови) и надворешната средина (атмосферата). Кислородот, преку хемоглобинот од крвта се пренесува до сите клетки од телото, по што во нив настанува клеточното дишење. Исто така, и ресорбираните хранливи материи од дигестивниот систем во вид на мономери се пренесуваат преку крвта до клетките.
Клеточното дишење се случува во две фази:
- Гликолиза, разградба на гликозата до пируват
- Целосна оксидација на пируватот до јаглерод диоксид и вода
Кај еукариотните организми, гликолизата се одвива во цитоплазмата. Останатите процеси од клеточното дишење се одвиваат во митохондриите.