Конзервативна партија (Обединето Кралство)
партија во Велика Британија / From Wikipedia, the free encyclopedia
Конзервативна партија (на англиски: Conservative Party), официјално именувана Конзервативна и унионистичка партија (Conservative and Unionist Party), а разговорно позната како ториевци (Tories) или конзервативци (Conservatives) — политичка партија во Обединетото Кралство. На идеолошка основа, партијата се сместува во центар-десно просторот на британскиот политички спектар. Ториевците се во владата од 2010 година, а заклучно со 2021 година имаат мнозинство во Домот на комуните со 364 претставници. Партијата има 245 неизбрани членови на Домот на лордовите, 8 членови на Лондонското собрание, 30 членови на Шкотскиот парламент, 11 членови на Велшкиот парламент и 7.430 советници во локалните самоуправи.
Партијата е основач на Меѓународната демократска унија (на англиски: International Democrat Union) и на Партијата на европските конзервативци и реформисти (European Conservatives and Reformists Party). Гранките на партијата во Велс, Гибралтар, Северна Ирска и Шкотска одржуваат делумна автономија.
Поддржувачите на партијата во главно се гласачи од средната класа, особено во руралните и приградските области на Англија. Доминацијата на Конзервативната партија во британската политика низ 20 век и повторното воздигнување на истата во 2010-тите години довеле до нејзино именување како најуспешна политичка партија во западниот свет.[1][2][3]