Нихилизам
From Wikipedia, the free encyclopedia
Нихилизам (од латински nihil „ништо“) ― филозофија или семејство на гледишта во рамките на филозофијата, што ги отфрла општоприфатените или основните аспекти на човековото постоење,[1][2] како објективната вистина, знаењето, моралот, вредностите или значењето.[3][4] Различни нихилистички положби имаат различно мислење дека човечките вредности се неосновани, дека животот е бесмислен, дека знаењето е невозможно или дека некои збирови на ентитети не постојат или се бесмислени.[5][6]
Изучувачите на нихилизмот може да го сметаат за само етикета што е применета на различни одделни филозофии,[7] или како посебен историски концепт што произлегува од номинализмот, скептицизмот и филозофскиот песимизам, како и од самото христијанство.[8] Современото разбирање на идејата главно произлегува од Ничеовата „нихилистичка криза“, од која произлегуваат двата централни концепти: уништување на повисоките вредности и спротивставување на афирмацијата на животот.[5][9] Сепак, претходните форми на нихилизам може да бидат поселективни во негирање на специфичните хегемонии на социјалната, моралната, политичката и естетската мисла.[10]
Поимот понекогаш се користи во асоцијација со аномија за да се објасни општото расположение на очај при воочената бесмисленост на постоењето или самоволието на човечките принципи и општествените установи. Нихилизмот исто така е опишан како впечатлив или суштествен во одредени историски периоди. На пример,[11] Жан Бодријар[12][13] и други ја карактеризираа постмодерноста како нихилистичка епоха[14] или начин на размислување.[15] Исто така, некои теолози и религиозни личности изјавиле дека постмодерноста[16] и многу аспекти на модерноста[17] го претставуваат нихилизмот со негирање на религиозните принципи. Меѓутоа, нихилизмот нашироко се припишува и на религиозни и на нерелигиозни гледишта.[8]
Во популарната употреба, поимот најчесто се однесува на облици на егзистенцијален нихилизам, според кои животот е без внатрешна вредност, значење или цел.[5] Други истакнати положби во рамките на нихилизмот вклучуваат отфрлање на сите нормативни и етички ставови (морален нихилизам), отфрлање на сите општествени и политички установи (политички нихилизам), став дека никакво знаење не може или не постои (епистемолошки нихилизам) и голем број метафизички позиции, кои тврдат дека неапстрактните предмети не постојат (метафизички нихилизам), дека составните предмети не постојат (мереолошки нихилизам), па дури и дека самиот живот не постои.