Отров
From Wikipedia, the free encyclopedia
Отров — супстанција што ги нарушува биолошките (физиолошките) функции на организмот[1], предизвикувајќи минливи или трајни нарушувања, вклучувајќи и смрт. Не е можно да се даде целосно точна дефиниција за отровот. Една иста супстанција може да биде нештетна (па дури и лековита) дадена во една доза или на еден начин, а отровна во друга доза или применета на друг начин. Отровноста на супстанцијата зависи од апсолутно внесената количина, концентрацијата, обликот во кој е внесена, начинот на внесување, отпорноста на организмот итн.
Така, дестилираната вода дадена интравенски предизвикува смрт како резултат на хемолизата на еритроцитите. Етанолот, кој сам по себе е отровен, се користи како противотров кај труењето со метанол. Истото важи и за атропинот, кој е отров, а се користи како противотров при труење со нервни боеви отрови. За лицата со недостаток на соодветни ензими може да биде отровна и храната (млеко, белковини).
Според причините што доведуваат до внесување отрови во организмот, труењата можат да бидат злосторнички, самоубиствени, случајни, медицински, професионални и труења како последица на токсикоманија.