Процент
From Wikipedia, the free encyclopedia
Во математиката, процент (симб. %, од лат. pro centum = „насто“) или отсто — стоти дел од некое количество или од некој број што се зема за единица. На пример 56 % е еднакво на 56⁄100 или 0,56 и се искажува „педесет и шест проценти“, „педесет и шест насто“ или „педесет и шест отсто“. Честа грешка во Македонија е кога ќе се каже „посто“.[1][2][3]
Процентот се користи за изразување на големината на некоја величина во однос на друга величина. Првата изразува дел или промена од, втората величина, која треба да е поголема од нула. На пример, ако цена од 250 ден. ја зголемиме за 15 ден., тоа ќе биде пораст од 15/250 = 0,06. Процентуално изразено, ова е пораст од 6 %.
Иако процентот обично изразува стапка на умножување помеѓу нула и еден, ова може да важи за секоја бездимензионална пропорционалност. На пример, 111 % е 1,11, а −0,35 % е −0,0035.