Региони на Македонија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Регионите на Македонија се усвоени во Владата на Македонија во 2007 година, а во Собранието на 29 септември 2009 година. Официјално, Македонија е поделена на осум плански региони: Вардарски, Источен, Југозападен, Југоисточен, Пелагониски, Полошки, Североисточен и Скопски. Општините се единиците на локална самоуправа и на административната поделба на Македонија, додека регионите служат за статистички, економски и административни цели.
Најголем регион по површина е Пелагонискиот, кој има и најмногу населени места, околу 343, но се одликува со мала густина на населеност од 50 жители на километар квадратен, додека најмалиот регион, Скопскиот има изразито густа населеност од 319 жители на километар квадратен и апсорбира повеќе од една четвртина од вкупното население во Македонија.
Руралните населби се доста застапени речиси во сите региони, меѓутоа најголем дел од населението живее во поголемите урбани центри, што упатува на нерамномерна концентрација на населението внатре во регионите. Полошкиот и Југозападниот Регион се издвојуваат според високото учество на населението кое живее во руралните средини, додека во другите региони руралните населби се поретко населени.[1]