Секуларност
From Wikipedia, the free encyclopedia
Секуларност или секуларизам е принцип на одвојување на владините институции, како и личностите одредени да ја претставуваат државата, од религиските институции и религиските достоинственици. Во една смисла, секуларноста го одобрува правото да се биде ослободен од религиското владеење и учење, како и правото на ослободување од наметнувањето на религијата кај луѓето од страна на влада на држава која е неутрална во однос на прашања поврзани со верата. Во друга смисла, се однесува на гледиштето дека човековите дејности и одлуки, особено политичките, не би требало да потпаѓаат под влијанија на религијата.[1] (видете и јавен разум). Одредени научници денес сметаат дека самата идеја на секуларноста ќе се промени.[2]
Секуларноста ги влече своите интелектуални корени од старогрчките и римските филозофи како Марко Аврелиј и Епикур; средновековните муслимански полимати како Ибн Ружд; мислителите од периодот на просветителството, Дени Дидро, Волтер, Барух Спиноза, Џон Лок, Џејмс Медисон, Томас Џеферсон и Томас Пејн; како и од поскорешните слободни мислители, агностици и атеисти како Роберт Ингерсол и Бертранд Расел.
Причините и аргументите во полза на секуларноста се различни. Во европскиот лаицизам се смета дека секуларноста е движење насочено кон модернизација, подалеку од традиционалните религиски вредности (процес познат како секуларизација). Овој тип на секуларност, на општествено и филозофско ниво, често се појавувал кога имало официјална државна црква или друг вид на државна поддршка на религијата. Во САД, одредени автори полемизираат дека државниот секуларизам послужил во голема мерка како заштита на религијата и при вмешувањето на религијата во политиката (и обратно), додека секуларизмот на општествено ниво е помалку распространет.[3][4] Исто така, во рамките на државите постојат различни политички движења кои ја поддржуваат секуларноста поради различни причини.[5]