Стандарден британски изговор
From Wikipedia, the free encyclopedia
Стандарден британски изговор (анг. Received Pronunciation или RP, буквално: „(општо)прифатен изговор“) — начин на изговарање на англискиот јазик (поточно британскиот англиски) кој уште одамна се смета за единствениот угледен британски акцент меѓу учените и култивираните луѓе. Само 2% од Британците зборуваат со чисто стандарден акцент.[1]
Поимот „стандарден британски изговор“, иако точно преведен на македонски од англискиот Received Pronunciation, сепак не значи дека тој е денес најраспространиетиот и навистина „најстандардниот“ изговор. На англикски пак, поимот Received Pronunciation за првпат се среќава во делото „Кратка историја на англискиот јазик“ (1914) од Х. С. Вајлд во „Преглед на англиската фонетика“ од Даниел Џонс, иако Џонс спомнал дека го употребил тој поим „немајќи подобар“.[2] Според книгата Fowler's Modern English Usage (1965), поимот е „the Received Pronunciation“. Зборот received тука значи (општо)прифатен или одобрен–.[3]
Стандардниот британски изговор се нарекува и „англискиот на Кралицата/Кралот“ (Queen's/King's English) бидејќи е нагласокот на кој зборува монархот; меѓутоа овој поим поточно се употребува за пишаниот стандарден британски. Понекогаш се нарекува и „англискиот на Би-би-си“ (BBC English), бидејќи истиот по традиција се користи во Би-би-си, иако во денешно време ова е погрешна претстава. Кралицата Елизабета II користи еден специфичен облик на англискиот јазик, додека за водителите и персоналот на Би-би-си овој акцент не е повеќе задолжителен. Постојат и зборови со повеќе од еден начин на изговор во рамките на самиот стандарден изговор, како што се again („повторно“, „пак“), either („или“) и moor („усидрува“, „Мавар“, „вресиште“).[4]
Понекогаш стандардниот изговор се нарекува оксфордски англиски (Oxford English),[5] не бидејќи ова е традиционалниот говор во Оксфорд, туку конкретно во Оксфордскиот универзитет; во рамките на лексикологијата Оксфорд има најголем углед и авторитет. Проширените изданија на оксфордските речници содржат упатство за стандардниот британски изговор на секој збор.
Стандардниот британски изговор е акцент (вид на изговор), а не дијалект (вид на речник и граматика). Тој кажува многу за општествената и образовна средина на говорникот. Луѓето кои зборуваат со стандарден акцент обично зборуваат стандарден англиски, но не мора да значи и обратно (т.е. стандардниот јазик може да се зборува со локален акцент, но се чини неверојатно дека некој би го користел за да зборува шкотски англиски или џорди).
Во последните децении многу луѓе го потврдуваат значењето и вредноста на регионалните и класните акценти. Многу од младите од семејства каде се зборува со стандарден акцент самите зборуваат поинаку. Денес на Би-би-си се слушаат многу локални акценти.
Се смета дека стандардниот британски изговор е најсроден на, и затоа произлегува од, југоисточна Средна Англија: Нортхемптоншир, Бедфордшир и Хантингдоншир.[6][7] Со преселбата во Лондон во XIV и XV век, најголемиот дел доселениците биле оние кои живееле непосредно северно од Лондон, а не јужно. Говорот во споменатите грофовии се разликува, како од грофовија до грофовија, така и во рамките на самите тие. Но сепак во Лондон се создала конгломерација, која исто така помешала некои елементи од говорот во Есекс и Мидлсекс. Веќе кон крајот на XV век, во тогашен Лондон се зацврстил „стандардниот англиски“.[8]