Теја (планета)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Теја — претпоставена планета од раниот Сончев Систем, која, според претпоставката за џиновски удар, се судрила со Земјата пред околу 4,5 милијарди години, при што исфрлениот материјал повторно се групирал и ја создал Месечината.[1]
Освен за објаснување за настанокот на Земјиниот природен сателит, хипотезата за Теја може да даде одговор и зошто јадрото на Земјата е поголемо од она што би се очекувало за тело со толкава големина; јадрото и обвивката на Теја се измешале со Земјата.[2]
Според една верзија од хипотезата, Теја бил Земјин тројанец со големина на Марс, со пречник од околу 6.102 км. Дополнителните докази објавени во 2019 година наведуваат дека Теја може да се формирала во надворешниот дел од Сончевиот Систем, наместо во неговиот внатрешен дел, и дека голем дел од водата на Земјата потекнува од Теја.[3]