Фонема
основна единица во фонологијата / From Wikipedia, the free encyclopedia
Фонема — најмала лингвистичка единица. Со комбинирање на фонемите се добиваат единици кои имаат значење и се од повисок ред во јазичниот систем - зборови и морфеми[1]. Физичкото претставување на фонемата е глас, меѓутоа, фонемата е апстрактна единица во нашиот ум.
Гласовите што ги создава човечкиот говорен тракт не се јасно одвоени во природниот говорен тек[2]. Изговорот на гласот [k] во зборот „куќа“ се разликува од оној во зборот „кива“ (што може да се потврди со напрегнато слушање и акустична анализа). Овие постојани варијации во говорниот сигнал, сепак, не го попречуваат разбирањето, бидејќи и звукот [k] во „куќа“ и звукот [k] во „кива“ се гледаат како една фонема /k/, единица чија комбинација во јазикот создава зборови.
Секој јазик има сопствен инвентар и број на фонеми. Во стандардниот македонски јазик има 31 фонема, а тие се претставени со буквите од македонската азбука. Начелото „еден глас, една буква“ со кое се служи македонскиот јазик може попрецизно да се претстави како „една фонема една буква“. За разлика од македонскиот, англискиот јазик не го користи фонемското начело на пишување и иако англиската азбука има 26 букви, стандардниот британски англиски има 44 фонеми. Јазиците обично имаат помеѓу 20 и 40 фонеми; најмалиот познат број на фонеми во јазикот е 11, а најголемиот е 70[2] .
Лингвистичката дисциплина фонологија се занимава со проучување на фонемите, фонолошките системи и начелата на кои тие се засноваат.