Шагринска кожа
From Wikipedia, the free encyclopedia
Шагринска кожа (француски: La Peau de chagrin) — роман од францускиот романописец и драматург Оноре де Балзак (1799 — 1850), издаден во 1831 година. Дејството, сместено во почетокот на XIX век во Париз, ја кажува приказната за едно младо момче кое наоѓа парче шагрен со моќ да ја исполни секоја негова желба. Но, со секоја посакана желба кожата се намалува и црпи дел од неговата физичка енергија. „Шагринска кожа“ припаѓа на групата „Филозофски студии“ од Балзаковата романорека „Човечка комедија“.
Пред да биде завршена книгата, Балзак привлекол внимание, така што издал серија статии и фрагменти во неколку париски весници. Иако задоцнил пет месеци во доставување на ракописот, тој успеал да привлече доволно интерес со што романот се распродал веднаш по неговото издавање. Второто издание, кое содржело серија од дванаесет други „филозофски сказни“, било издадено еден месец подоцна.
Иако романот користи фантастични елементи, главната цел му е реално прикажување на прекумерноста на буржоаскиот материјализам. Прочуеното обрнување на детали на Балзак е искористено за опишување на коцкарница, антикварница, кралски банкет итн. Тој, исто така, вклучува и детали од неговиот живот како борбен писател, ставајќи го главниот лик во романот во живеалиште слично на тоа во кое тој живеел на почетокот на неговата книжевна кариера. Главната тема на книгата е судирот помеѓу желбата и долговечноста. Волшебната кожа ја претставува моќта на својот сопственик, која се троши со секое изразување на желба, особено кога станува збор за самото поседување на моќ. Игнорирајќи го предупредувањето на продавачот што му ја нуди кожата, протагонистот се опкружува себеси со неизмерно богатство, за да се најде себеси очаен и изнемоштен на самиот крај од книгата.
„Шагринска кожа“ цврсто го втемелува Балзак како значаен писател во Франција. Неговиот општествен круг значајно се проширил и почнал страсно да биде баран од издавачи за идни проекти. Книгата послужила како катализатор на низа писма што тој ги разменувал со полската баронеса Евелина Хањска, која подоцна станала и негова жена. Исто така ја вдахнала и операта на Гизелер Клебе, Смртоносни желби.