From Wikipedia, the free encyclopedia
Школа на реката Хадсон (англиски: Hudson River School) — група американски пределни сликари од средината на XIX век чија естетика настанала под влијание на германскиот романтизам. На делата по кои е наречен овој правец е прикажана долината на реката Хадсон и околното подрачје со планините Катскил, Адирондак и Белите Планини; второто поколение на уметници од овој правец ја прошириле дејноста на други места како Нова Англија, Приморските покраини на Канада, Западот на САД и Јужна Америка.
Се смета дека поимот Школа на реката Хадсон потекнал од ликовниот критичар Кларенс Кук кој пишувал за Њујорк трибјун или од пределниот сликар Хомер Доџ Мартин.[1] Во првобитна смисла, поимот се користел со потценување како застарен стил во однос на пленерската Барбизонска школа која влегла во мода кај американските купувачи и собирачи.
Сликите од овој правец се занимававаат со битот на Америка во XIX век — откритијата, истражувањето и населувањето.[2] На нив американските предели се прикажани како пасторала, каде човекот и природата живеат во слога. Пределите се одликуваат со реалистичен, подробен, а напати и идеализиран приказ на природата, сопоставувајќи го мирното земјоделство со преостанатата дивина која сè повеќе исчезнувала од долината на реката Хадсон, кога почнала да се вреднува нејзината недопреност и возвишеност.[3] Уметниците од оваа школа сметале дека природата на американскиот предел е неизречиво отелотворение на Бога,[4] иако самите се разликувале по длабочината на духовното убедување. За инспирација им послужиле европските мајстори како Клод Лорен, Џон Констабл и Вилијам Тарнер, а нивната длабока почит кон природните убавини на Америка ја делеле и тогашните книжевници како Хенри Дејвид Торо и Ралф Валдо Емерсон. Неколку сликари биле членови на Диселдорфската школа, а пак други биле воспитаници на германскиот сликар Паул Вебер.[5]
Иако нештата во сликите се верно прикажани, многу сцени се всушност спој од повеќе глетки. Собирајќи материјал за сликање, уметниците оделе на исклучителни места, чии услови не би дозволиле сликање на самото место. На овие експедиции, тие правеле скици и белешки, па се враќале во ателјеата за да го направат конечното дело.
За основоположник на Школата на реката Хадсон се смета сликарот Томас Коул.[6] Коул се качил на пароброд по реката Хадсон есента 1825 г, истата година кога е отворен каналот Ири, најпрвин запирајќи во Вест Поинт, а потоа во Катскил. Продолжил пеш, планинарејќи поисточните планини Катскил во Њујорк и таму ги насликал првите предели од подрачјето. Првиот критичен осврт на делото излегол во Њујорк ивнинг пост во 1825 г.[7] Во тоа време Коул, како Англичанец, бил едиствениот уметник кого го привелекувале есенските бои на пределот.[6] Нешто подоцна, неговиот близок другар Ашер Дјуранд се истакнал како важен деец на школата.[8] Важна улога во популаризацијата на школата одиграло чествувањето на нацијата, природата и имотот, иако самите уметници имале неповолно мислење за правецот на технолошкиот и стопанскиот развој на САД.[9]
Второто поколение на уметници од Школата на реката Хадсон се избило по прераната смрт на Коул во 1848 г; меѓу неговите припадници биле Фредерик Едвин Черч, Џон Фредерик Кенсет и Санфорд Робинсон Гифорд. Делата од ова поколение важат за примери на луминизмот. Покрај уметничката дејност, многу од уметинците биле основачи на ликовниот музеј „Метрополитен“ во Њујорк.[11]
Се смета дека најдобрите дела на школата се насликани во периодот од 1855 до 1875 г. и некои уметници како Фредерик Едвин Черч и Алберт Бирштат станале славни личности. Обајцата биле повлијаени од Диселдорфската школа, каде Бирштат се образувал неколку години. Кога Черч ги изложил своите дела како Нијагара[12] и Санти на Северот,[13] сликите привлекле големи редици од илјадници посетителим кои се восхитувале на овие предели кои досега не биле видени во Америка и ги потсетувале на бескрајната величествена дивина на нивната земја.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.