Јудејска Пустина
пустина во јужниот Левант / From Wikipedia, the free encyclopedia
Јудејска Пустина (хебрејски: מִדְבַּר יְהוּדָה Мидбар Јехуда, арапски: صحراء يهودا Сахара Јахудан) — пустина во Израел и Западниот Брег која го зафаќа просторот источно од Ерусалим и се спушта до Мртвото Море. Се протега од североисточниот дел на пустината Негев до подрачјето источно од Бејт Ел, и се одликува со бројни тераси со косини. Завршува со стрмна косина која запира во Мртвото Море и Јорданската Долина. Пустината ја сечат разни вади (долови со повремени водотеци) од североисток и југоисток и многу кланци, со длабочина од 36 м на запад до 18 м на исток.[1] Пустината е подрачје со посебен морфолошки состав долж источната страна на Јудејските Планини.
Пустината понекогаш се нарекува יְשִׁימוֹן Јешимон, што значи пустина или дивина,[2] Дивина на Јуда или Дивина на Јудеја.[3]