Втора кинеско-јапонска војна
From Wikipedia, the free encyclopedia
Втората кинеско-јапонска војна (1937-1945) бил воен конфликт кој претежно се водел меѓу Република Кина и Царството Јапонија. Војната го опфаќа кинеското боиште како дел од поширокото тихоокеанско боиште во Втората светска војна . За почеток на војната се смета инцидентот на мостот Марко Поло на 7 јули 1937 година, по што спорот меѓу јапонските и кинеските трупи во Пекинг ескалирал во целосна инвазија. Оваа војна меѓу Кина и Јапонија честопати се смета за почеток на Втората светска војна во Азија.
Кина со помош на Советскиот Сојуз, Обединетото Кралство и САД се борела против Јапонија. По јапонските напади на Малаја и Перл Харбор во 1941 година, војната се споила со други конфликти кои главно се категоризираат како конфликти од Втората светска војна. Втората кинеско-јапонска војна била најголемата војна во Азија во 20 век.[1] Оваа војна имала најмногу цивилни и воени жртви во Војната на Тихиот Океан при што загинале од 10 до 25 милиони кинески цивили а исчезнале или загинале преку 4 милиони кинески и јапонски војници или воен персонал. Војната се нарекува и „азиски холокауст“. [2] [3][4]
Војната била резултат на повеќедецениската јапонска империјалистичка политика за проширување на своето политичко и воено влијание во Кина за да си обезбеди пристап до суровини, храна и работна сила. По Првата светска војна, јапонската политика била погодена од силни потреси. Левичарите барале универзално право на глас и поголеми права за работниците. Зголеменото текстилно производство во кинеските фабрики негативно влијаело на јапонското производство, а со Големата депресија се забавувил извозот. Сето ова го поттикнало милитантниот национализам, кој кулминирал откако на власт дошла милитаристичка фракција. На чело на оваа фракција, со указ на императорот Хирохито, бил Хидеки Тојо од Здружението за помош на царското владеење. Во 1931 година, Мукденскиот инцидентот бил повод за јапонската инвазија на Манџурија. Кинезите биле поразени, а Јапонија создала нова марионетска држава, Манџукуо; многу историчари како почеток на војната ја наведуваат 1931 година.[5][6] Од 1931 до 1937 година, Кина и Јапонија продолжиле да се препукуваат во мали, локализирани судири, таканаречени „инциденти“.
По инцидентот на мостот Марко Поло, Јапонците извојувале големи победи, и во 1937 година ги освоиле Пекинг, Шангај и кинескиот главен град Нанџинг, по што следел и масакрот во Нанџинг. Откако не успеала да го спречи продорот на Јапонците во битката кај Вухан, кинеската централна влада била преместена во Чонгкинг (Чунгкинг) во внатрешноста на Кина. По кинеско-советскиот договор од 1937 година, добиената голема материјална поддршка ѝ помогнала на Националистичката армија на Кина и на кинеското воздухопловство да продолжат да даваат силен отпор против јапонската офанзива. Во 1939 година, по кинеските победи во Чангша и Гуангкси војната била во пат состојба. И Јапонците исто така не можеле да ги поразат кинеските комунистички сили во Шанкси, кои воделе тактика на саботажа и герилска војна против напаѓачите. Иако Јапонија владеела со големите градови, немала доволно човечки ресурси за да ги контролира огромните села на Кина. Во ноември 1939 година, кинеските националистички сили започнале голема зимска офанзива, а во август 1940 година, кинеските комунистички сили започнале контраофанзива во централна Кина. САД ја поддржале Кина преку серија санкции против Јапонија, што кулминирало со прекин на извозот на челик и бензин за Јапонија во јуни 1941 година. Исто така, со американски платеници како што се Летечките тигри ѝ дале директна дополнителна поддршка на Кина.
Во декември 1941 година, Јапонија ненадејно го нападнала Перл Харбор и ѝ објавила војна на САД. Соединетите Американски Држави за возврат ѝ објавиле војна на Јапонија и ја зголемиле воената помош за Кина, САД на Кина и дале вкупно 1,6 милијарди долари (18,4 милијарди долари во денешна вредност).[7] Во 1944 година, Јапонија ја започнала операцијата Ичи-Го, инвазија на Хенан и Чангша. Сепак, не успеале да издејствуваат предавање од кинеските сили. Во 1945 година, кинеските експедициски сили го продолжиле да напредуваат во Бурма и го завршиле патот Ледо кој ги поврзува Индија и Кина. Истовремено, Кина започнала големи контраофанзиви во Јужна Кина и ги зазела Западен Хунан и Гуангкси. Јапонија формално се предала на 2 септември 1945 година. Кина била призната како една од четирите големи сојузници за време на војната, ги вратила сите територии изгубени од Јапонија и станала една од петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации.[8] [9]