Историја на генетското инженерство
From Wikipedia, the free encyclopedia
Генетско инженерство ― наука за манипулирање со генетскиот материјал на еден организам. Првото вештачко генетско изменување постигнато со помош на биотехнологијата беше трансгенезата, постапка на пренос на гени од еден организам на друг, првпат постигнат од Херберт Бојер и Стенли Коен во 1973 година. Тоа било резултат на низа напредок во техниките што овозможиле директно изменување на геномот. Важните достигнувања се откривањето на рестрикциони ензими и ДНК-лигази, способност за дизајнирање плазмиди и технологии како полимеразна верижна реакција и секвенционирање. Преобразбата на ДНК во организам домаќин била постигната со пронајдокот на биолистиката, рекомбинација со посредство на Agrobacterium и микровбризгување. Првото генетски изменето животно било глушец создаден во 1974 година од Рудолф Јениш. Во 1976 година технологијата била комерцијализирана, со појавата на генетски изменети бактерии кои произведувале соматостатин, а потоа и инсулин во 1978 година. Во 1983 година, во тутун беше вметнат ген отпорен на антибиотици, што довело до првото генетски изменето растение. Следел напредок што им овозможил на научниците да манипулираат и да додаваат гени на различни организми и да предизвикаат низа различни ефекти. Растенијата првпат биле комерцијализирани со тутун отпорен на вируси објавен во НР Кина во 1992 година. Првата генетски изменета храна бил доматот Flavr Savr пуштен на пазарот во 1994 година. До 2010 година, 29 земји засадиле комерцијализирани биотехнолошки култури. Во 2000 година, еден труд објавен во списанието Science го претставил златниот ориз, првата храна развиена со зголемена хранлива вредност.