Марко Антониј
римски државник и војсководец / From Wikipedia, the free encyclopedia
Марко Антониј (латински: Marcus Antonius; 14 Јануари - 1 август 30 година пр. н.е.) ― староримски државник и генерал кој одиграл клучна улога во преминувањето на Римската Република во автократско Римско Царство. Бил член на Вториот триумвират и трикратен римски конзул.
Марко Антониј | |
---|---|
Биста на Антониј од ерата на Флавија | |
Роден(а) | 14 јануари 83 г.пр. н.е. Рим, Римска Република |
Починал(а) | 1 август 83 г.пр. н.е. (возраст 53) Александрија, Птоломејски Египет |
Причина за смрт | Самоубиство |
Почивалиште | Непознато (најверојатно во Египет) |
Националност | Рим |
Антониј бил роднина и поддржувач на Јулиј Цезар и служел како еден од неговите генерали за време на освојувањето на Галија и Граѓанската војна. Антониј бил назначен за администратор на Италија, додека Цезар ги елиминирал политичките противници во Грција, Северна Африка и Шпанија. По убиството на Цезар во 44 година пр. н.е., Антониј ги здружил силите со Марко Емилиј Лепид, уште еден од генералите на Цезар, и Октавијан, правнук и посвоен син на Цезар, и формирале тричлена диктатура позната како Втор триумвират. Триумвирите, во битката кај Филипи во 42 година пр. н.е., ги поразиле убијците на Цезар (т.н. Либератори), и меѓу себе ја поделиле власта во Републиката. На Антониј му биле доделени источните римски провинции, меѓу кои и клиентското кралство Египет, со кое тогаш владеела Клеопатра VII Филопатор и добил команда во војната на Рим против Партија.
Триумвирите имале лоши меѓусебни односи зошто секој од нив се стремел да стекне поголема политичка моќ. Во 40 година пр. н.е. откако Антониј се оженил со сестрата на Октавијан, Октавија, била спречена граѓанска војна меѓу Антониј и Октавијан. И покрај овој брак, Антониј ја продолжил љубовната врска со Клеопатра, која му родила три деца, што дополнително ги заострувало односите меѓу Антониј и Октавијан. Лепид бил исклучен од Триумвиратот во 36 година пр. н.е., а во 33 година пр. н.е. несогласувањата меѓу Антониј и Октавијан предизвикале раскол. Кулминација на нивното непријателство била граѓанската војна од 31 година пр. н.е., кога Римскиот сенат, по наредба на Октавијан, ѝ објавил војна на Клеопатра и го прогласил Антониј за предавник. Истата година, Антониј ја загубил битката кај Акциум. Антониј и Клеопатра побегнале во Египет каде што откако повторно биле поразени во битката кај Александрија, извршиле самоубиство.
По смртта на Антониј, Октавијан станал неприкосновен господар на Рим. Во 27 година пр. н.е., Октавијан ја добил титулата Август , што ја означува последната фаза во трансформацијата на Римската Република во царство, а Октавијан станал бил прв римски цар.