Архангел Гаврил
From Wikipedia, the free encyclopedia
Гаврил (хебрејски: גַּבְרִיאֵל, арапски: جبريل) — архангел во аврамските религии кој се смета дека служи како гласник на Бога и еден од големите седум архангели кои претстојат пред престолот Божји. За првпат се појавува во Книгата на пророкот Даниил во рамките на Хебрејската библија. Некои го нарекуваат и отелотворение на Светиот Дух. Христијаните и муслиманите веруваат дека му ги прорекол раѓањата на Јован Крстител и Исус на Захарија и Дева Марија, а во исламот пак, тој му го открил (дал) Куранот на пророкот Мухамед.
Во библиските преданија понекогаш го среќаваме и како ангел на смртта или Божји гласник. Талмудот вели дека тој е единствениот ангел кој знае да зборува сириски и арамејски. Во исламот, Гаврил е еден од главните Божји гласници, но другите горенаведени титули не му се припишуваат (бидејќи, на пример, ангелот на смртта е Азраил).
Во католичкото Предание се смета за еден од архангелите. Во исламот е главниот од четирите блажени ангели и духот на вистината, а според некои други (неисламски) гледишта, Гаврил и Светиот Дух се едно исто. Се споменува и во бахаизмот, најмногу во мистичното дело Бахаула со наслов Седумте долини.