Марксизам
From Wikipedia, the free encyclopedia
Марксизам — социјалистичка економска, политичка и општествена теорија втемелена врз делата на Карл Маркс и Фридрих Енгелс. Марксизмот бил еден од највлијателните правци во меѓународното работничко движење во 19 век и, како марксизам-ленинизам, основа првенствено за комунистичкото движење во XX век. По падот на комунистичките режими во бившиот Советски Сојуз и во Источна Европа, привлечноста на марксизмот значително опаднала, иако првенствено, иако не и исклучиво, комунистичките групи и партии сè уште го сметаат марксизмот како основа на својата партиска идеологија.
Во текот на животот на Маркс, марксизмот бил далеку помалку влијателен отколку по неговата смрт. Оттогаш, марксизмот почнал да ја зацврстува својата позиција како највлијателна идеологија на новоформираните работнички партии во Западна и Средна Европа и во Северна Америка.
Сепак, многу брзо настанале поделби во рамките на марксистичкото движење. Основното прашање околу кое настанаа спорови беше дали капитализмот може да биде заменет со социјализам само преку револуција или е можен мирен, реформски пат во социјализам. Поделбите во врска со ова прашање по Болшевичката револуција од октомври 1917 доведе до расцеп на дотогаш единствените социјалдемократски партии помеѓу приврзаниците на Владимир Илич Ленин и на Болшевичката револуција, кои се нарекоа комунисти, и оние што поради различни причини не се согласуваа со режимот што болшевиците го воведоа во Русија по револуцијата и кои останаа во социјалдемократските партии, задржувајќи го името „социјалдемократи“. На почетокот и двете страни тврдеа дека токму тие се вистинските следбеници на Маркс и дека другата страна го искривува Марксовото учење, но со текот на времето социјалдемократите се откажаа од својата посветеност на марксизмот и марксизмот почна сè повеќе да се идентификува со неговата ленинистичка варијанта.