ученик на Исус Христос From Wikipedia, the free encyclopedia
Матиј или Матија (коински грчки: Μαθθίας, од библиски хебрејски: מַתִּתְיָהוּ Матитјаху, коптски: ⲙⲁⲑⲓⲁⲥ; I век - ок. 80) — еден од учениците на Исус Христос, кој според Делата на светите апостоли бил избран од апостолите да го замени Јуда Искариот по извршеното предавство и самоубиство.[1] Единствен е по тоа што не станал апостол со назначување од Исус, кој веќе се вознел на небото, и бил прогласен за таков пред слегувањето на Светиот Дух меѓу раните верници.
Матиј | |
---|---|
Икона на апостол Матиј од Симоне Мартини, 1317–19 г. | |
апостол и маченик | |
Роден(а) | I век, Јудеја |
Починал(а) | ~80, Ерусалим, Јудеја или во Колихида (денешна Грузија) |
Почитуван(а) во | |
Слава | православие: 9 август ст. ст. (22 август н. ст.) католициизам: 12 мај |
Обележја | секира, мачеништво |
Заштитништво | алкохоличари; столари; кројачи; сипаници; надеж; упорност |
Матија не се спомнува во списоците на Исусовите следбеници во трите синоптички евангелија, но според Делата на светите апостоли, тој бил негов придружник од Крштението, па сè до неговото Вознесение. Во наредните денови, Петар им предложил на насобраните 120 ученици да предложат човек кој би го заменил Јуда. Тие ги избрале Јосиф Варсава (наречен Јуст) и Матиј. Потоа се помолиле „Ти, Господи, Кој ги познаваш срцата на сите, покажи од овие двајца еден, кого си го избрал, за да прими дел од оваа служба и од апостолството од кое отпадна Јуда за да си отиде на своето место.“[2] Потоа фрлиле ждрепка, и таа паднала на Матиј; со тоа, тој се вброил во единаесетте апостоли.[3]
Канонскиот Нов завет не дава никакви понатамошни информации за Матиј. Дури и името му се разликува од едно место до друго: сириската верзија на Евсевиј Кесариски сето време го нарекува „Толмеј“ (но поинаков од апостолот Вартоломеј, кој бил меѓу првичните апостоли). Климент Александриски еднаш го спомнува Закхеј на начин кој би можел да се протолкува како да горови за Матиј;[4] Климентините го поистоветуваат со Варнава; Адолф Хилгенфелд смета дека е истата личност со Натанаил во Евангелието според Јован.
Грчкото предание вели дека Матиј бил одговорен за воведување на христијанството околу Кападокија и бреговите на Каспиското Море, а живеел крај пристаништето Ис.[5]
Според Никифор Ксантопул[6], Матиј прво го проповедал словото во Јудеја, а потоа во Етиопија (кај областа Колхида, денешна Грузија) и бил распнат.[3] Коптските „Дела на Андреја и Матиј“ говорат дека живеел во „градот на човекојадците“ во Етиопија.[б 1][7] Урнатините на римската тврдина во Гонио (Апсар) во денешната грузиска област Аџарија имаат спомен-плоча која тврди дека таму е неговото почивалиште.
Зборникот на Доротеј Тирски го раскажува следново предание: „Матиј го проповедаше словото на варварите и месојадците во внатрешноста на Етиопија, каде се наоѓа пристаништето Ис, на устието на реката Фасис. Умре во Севастопол и таму го закопаа, кај Храмот на Сонцето.“[8]
Според друго предание, Матиј бил каменуван во Ерусалим од месното население, а потоа обезглавен[9].[8] Споерд Иполит Римски, Матиј умрел на стари години во Ерусалим.
Опстанатите фрагменти од изгубеното Евангелие според Матиј[10] велат дека се негово дело, но раните црковни отци го сметале ова евангелие за кривоверно дело од II век.
Православието по традиционален источен обред го слави Матиј на 9 август (22 август по нов стил). Православните од западен обред продолжуваат да го слават на 24 и 25 февруари во престапни години.
Неговата слава е воведена во римскиот календар во XI век и се одбележувал на шестиот ден од мартовските календи (обично 24 февруари, но на 25 февруари во престапни години). Во преработката на Општиот римски календар во 1969 г. денот е поместен на 14 мај за да не биде за време на Великите пости, туку заедно со велигденските празници близу до Вознесение,[11] по што Делата ни евели дека Матиј бил избран за еден од Дванаесетте апостоли.
Заедничкиот молитвеник на Црквата на Англија, како и другите постари заеднички молитвени книги во англиканството,[12] го чествува Матиј на 24 февруари. Според поновата литургија „Заедничка богослужба“, Матиј се чествува во Црквата на Англија со слава на 14 мај,[13] иако по желба може да се прослави на 24 февруари.[14] Во Епископалната црква и некои цркви во лутеранството како Мисурскиот синод и Канадската лутеранска црква, денот на одбележување останува на 24 февруари.[15] Евангелска лутеранска црква во Америка и нејзината сестринска црква во Канада го одбележуваат Матиј на 14 мај.[16]
Се тврди дека моштите на апостол Матиј биле донесени во Италија преку царицата Елена, мајка на Константин Велики. Според овие тврдења, дел од моштите се закопани во манастирот „Св. Јустина“ во Падова, а остатокот се во опатијата „Св. Матиј“ во Трир, Германија. Според грчки извори, моштите се закопани во тврдината Гонио-Апсар во Грузија.[17]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.