From Wikipedia, the free encyclopedia
Братоубиство или фратрицид (од латински: frater „брат“ и cida „убиец“ или cidum „убиство“, двете изведени од caedere „да убиеш, да пресечеш“) — чин на убиство на сопствениот брат.
Во абрахамските религии најпозната е библиската приказна за убиството на Авел од страна на брат му Каин. Во римската митологија, градот Рим е основан како резултат на братоубиство, при што близнаците Ромул и Рем се скарале околу тоа кој е миленик на боговите и околу плановите за изградба на Рим, по што Ромул го убил Рем и се прогласил за прв крал на Рим.[1]
Најпознатото братоубиство во Римското Царство е убиството на Публиј Септимиј Гета по наредба на неговиот брат Каракала во 211 година. По смртта на нивниот татко Септимиј Север во февруари 211 година, браќата го наследиле како коимператори. Нивното заедничко владеење се покажало како неуспешно, а секој од нив ковал заговор да го убие другиот. Во декември истата година, Каракала се преправал дека ќе одржи помирување во домот на нивната мајка Јулија Домна, а Гета бил намамен да дојде невооружен и без стража. По пристигнувањето на Гета, група центуриони лојални на Каракала го убиле, при што тој умрел во рацете на својата мајка.[2]
Најпознатото братоубиство во Персиското Царство е убиството на Бардија, синот на Кир Велики, од страна на неговиот брат Камбиз Втори.
Во Отоманското Царство постоела политика на судско, кралско братоубиство, воведена од султанот Мехмед Втори, чиј дедо Мехмед Први морал да води макотрпна и тешка граѓанска војна против своите браќа (што ја довело империјата близу до пропаст) за да го преземе престолот. Кога нов султан доаѓал на престолот, и откако ќе му се родел првиот машки престолонаследник, тој ги затворал сите свои браќа и наредувал да се задават со свилена марама. Најголемото братоубиство се случило кога султанот Мехмед III дошол на престолот, при што тој го наредил убиството на 19 негови браќа, кои потоа биле погребани заедно со нивниот татко. Целта на овој масакр била да се спречи граѓанска војна. Поради јавното несогласување, неговиот наследник Ахмед Први ја прекинал оваа практика, заменувајќи ја со доживотна затворска казна во Кафез, кој бил дел од Отоманската палата.
Во Могулското Царство, братоубиствата честопати се случувале како резултат на војните за наследување. Во 1622 година, шахот Јахан го убил својот најстар брат Кусрау Мизра.[3] Во 1628 година, тој го убил и својот брат Шахријар. Синот на шахот Јахан, Дара Шикох, бил убиен од страна на својот брат Аурангзеб на 30 август 1659, а убиството го сведочел неговиот преплашен син.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.