From Wikipedia, the free encyclopedia
Душа или Дух е внатрешниот, невидлив дел од човекот во кој се наоѓа духовниот живот со сите негови психички одлики (свест, емоции, етички норми)[1]. Душата е традиционално именување на човековата психа. Во христијанската религија душата е нематеријален, невидлив, бесмртен животен елемент[2].
Старите Словени верувале дека душата по смртта заминува на оној/ друг свет или на месечината каде е нивното претстојувалиште. Своите починати ги погребувале, според Л. Нидерле во лежечка или седечка положба. Според некои сведоштва од старите гробови Словените ги погребувале мртвите со рацете и нозете во положба за полетување, кај нашите народи и денес се води сметка рацете и нозете на починатиот да се слободни. Хроничарите забележале и палење на мртвите кај древните Словени, со тоа се тежнеело да се ослободи нивната душа, во претераното сведоштво на Ибн Фослан кој опишува еден погреб меѓу Словените тој вели дека еден Словен му го рекол следното: ”Вие, Арапи сте еден глупав народ; вие го закопувате човекот во земјата каде неговото тело го јадат животните и црвите; а ние, ние го палиме за миг, за веднаш да замине во рајот.” Палењето на починатиот подоцна под влијание на другите религии и обичаи било заменето со погребување, но во прастари времиња било вообичаено над гробот да се пали обреден оган (симбол на светиот оган), а со времето свеќите и кадењето сосема го имаат заменето тој обред.
Душата е најактивниот дел на човекот, таа е во тесна врска со човековата форма, но е посилна од материјалното, бидејќи таа управува со човекот и неговите дејствувања. Според верувањата на старите, душата е сместена во просторот од нозете до грлото, но во посебни случаи таа се собира и може да биде во: петици- при страв; во носот- при умор; во крвта или срцето- кога душата чука, најчесто при силни емоции (неретко љубов); во коските- кога е душата запечена, тврда; таа може и да го напушти човекот- зол, бездушен човек. Душата според старите верувања излегувала низ устата, децата се предупредувале да ја креваат главата при засркнувањето, бидејќи тогаш душата може да го напушти телото. Таа може да егзистира надвор од телото, може да го остави телото додека човекот спие и самостојно да се движи и истражува. Се верувало дека месечарењето (ноцтамбулисмус) настанува поради душата која го напушта телото, а тоа има потреба да ја следи. Се практикувало пред спиење да се задоволи потребата за пиење вода, бидејќи жедната душа најлесно го напуштала телото во потрага по вода.[3]
Душата го напушата телото при смртта и останува самостојно да егзистира. Се верувало дека пред да почине човекот во неговата близина не смее да се плаче, да му се приредуваат изненадувања (доаѓање на мила личност, влечење за раката и сл.), бидејќи душата може да се исплаши и делумно да го напушти телото што би претставувало силно мачење, бидејќи човекот не би можел да почине брзо и лесно. Во домот во кој починала некоја личност веднаш се отворале прозорците и вратите, на душата да & се олесни излегувањето од домот. На огледалата се префрлало платно од страв душата да не заскита во него, доколку заскита во огледалото таа не може да се врати. Душата можела да влезе и во водата според некои верувања, па затоа сета затекната вода во домот на починатиот се исфрлала надвор.[3]
Сè уште постои длабоко верување дека душата по смртта скита околу домот уште четириесет дена, сè уште силно поврзана со семејството и домот. Во домот на починатиот се оставал подотворен прозорец четириесет дена, за душата полесно да влегува и излегува. На местото каде што починал човекот или каде што лежело неговото тело четириесет дена се палело кандило, се оставала вода, вино, леб, шеќерни бонбони или нешто од храната што покојникот особено го сакал, некаде неговата облека се чувала на столицата каде што седел или под креветот или масата на која лежел.
Се верувало дека душата останува на земјата една година, сè додека телото не се распадне, за време на ручеците кои се приредувале за душата на покојникот останувал празен стол и чинија полна со храна за душата на покојникот. Надгробниот споменик се поставува во тек на првата година од смртта на покојниот, бидејќи тој треба да претставува нов дом за душата.
И кај Јужните Словени постоело верување дека душата на починатиот може да се пресели во новороденче, се верувало дека детето во кое навлегла душата на некој покојник може да има век колку и тој. Душата на еден човек можела само трипати да оживее во ново тело. Се верувало дека душата може да влезе во пеперутка или некое бело животно (мачка, јагне, пес и др.) и дека во тој облик може да го посетува или да остане во домот, бидејќи постоело верување дека некои души не можат лесно да се оделат од своите блиски.[3]
Душата (духот) се јавува како честа тема во уметноста и во популарната култура.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.