Енциклопедија на живиот свет
слободна и соработна интернет-енциклопедија со задача да ги документира сите 1,9 милиони видови на организми познати за науката / From Wikipedia, the free encyclopedia
Енциклопедија на живиот свет англиски: Encyclopedia of Life, EOL) — слободна соработна семрежна енциклопедија наменета за документирање на сите 1,9 милиони постоечки видови на организми познати за науката. Порталот се составува од постоечки бази на податоци и со учество на стручни лица и аматери од сите краишта на светот.[2] Целта е да се изгради „бесконечно проширлива“ страница за секој вид, придружена со нагледни материјали како аудио и видео снимки, слики, графикони и текст.[3] Покрај ова, енциклопедијата опфаќа и содржини од Библиотеката на биоразновидносното наследство, која дигитализира милиони страници печатена литература од поголемите природонаучни библиотеки во светот. За проектот се вложени почетни средства од 50 милиони долари, под водство на Мекартуровата и Слоуновата фондација, чиј удел изнесувал 20 односно 5 милиони долари. Преостанатите 25 милиони долари ги доделиле пет важни установи — Филдовиот музеј, Харвардскиот универсзитет, Лабораторијата за морска биологија, Ботаничката градина на Мисури и Смитсоновата установа. Првичниот раководител на проектот бил Џим Едвардс[мртва врска] со развојната екипа на Дејвид Патерсон. Денес, установите-учеснички и дарителите продолжуваат со финансиската поткрепа на EOL.
Вид место | енциклопедија |
---|---|
Достапно на | |
Создавач | Филдов музеј Харварски универзитет Мекартурова фондација Лабораторија за морска биологија Ботанички градини на Мисури Слоунова фондација Смитсонова установа |
Адреса | eol.org |
Место на Алекса | 66.923 (сеп 2014)[1] |
Комерцијално | не |
Зачленување | незадолжителна |
EOL е пуштена на 26 февруари 2008 г. и содржела 30.000 записи.[4] Порталот веднаш се стекнал со огромна популарност, до тој степен што морал да се справува со големо преоптоварување во посетеноста (11 милиони посети).[5]
По преработката, порталот е повторно пуштен на 5 септември 2011 г. со нов посредник и нови алатки.[6] Новата верзија е осмислена за да ги задоволи барањата на општата јавност, граѓанските научници, просветните работници и стручните лица, кои барале попривлечен портал со поголема пристапност и лична прилагодливост. Со ова е подобрена неговата употребливост и е овозможено поголемо учество и општење помеѓу корисниците. Друга новина е неговата достапност на повеќе јазици, вклучувајќи го македонскиот.
Во извршниот одбор на проектот членуваат старешини од Атлас на жива Австралија (Atlas of Living Australia), здружената Библиотека на биоразновидносното наследство, Кинеската академија на науките, CONABIO, Филдовиот музеј, Харвардскиот универзитет, Библиотека Александрина, Мекартуровата фондација, Лабораторијата за морска биологија, Ботаничките градини на Мисури, Слоуновата фондација и Смитсоновата установа.[7][8]