From Wikipedia, the free encyclopedia
Кедарот (науч. Cedrus) — род на четинари од семејството на боровите (Pinaceae). Овие дрвја се автохтони во Средоземјето, на височина од 1.000–2.200 м и западниот дел на Хималаите, на височина од 1.500–3.200 м.[1]
Овие дрвја растат до висина од 30–40 м (напати и до 60 м) и имаат мирисливо смолесто дрво, дебела испапчена или квадратно испукана кора и широки рамни гранки. Леторастите (изданоците) се од два типа: долгорасти, кои го кочинуваат костурот, и краткорасти на кои се наоѓа зеленилото. Листовите се зимзелени иглички со должина од 8–60 мм, распоредени во отворена спирала на долгорастите и збиени снопчиња од по 15–45 на краткорастите. По боја се движат од светлозелени до темнозелени и пепелави синозелени, зависно од дебелината на восочниот слој што ги штити од сушење. Шишарките имаат облик на буренца, долги се 6–12 см и широки по 3–8 см. Неузреаните се зелени, а зрелите имаат сивокафеава боја. При полна зрелост се распаѓаат и испуштаат семки со крилца. Семките се долги 10–15 мм, а крилцата по 20–30 мм. Секоја семка има по 2–3 „отока“ што содржат смола со непријатен вкус, како одбрана од верверички. Шишарката узрева за една година, а опрашувањето се врши на есен. Семките достигнуваат зрелост во истото време следната година. Поленовите шишарчиња излегуваат кон крајот на летото и го испуштаат поленот на есен. По облик се јајцевидни и долги 3–8 см.[1][2]
Во Македонија растат и успешно се одгледуваат атлантскиот (C. atlantica), либанскиот (C. libani) и хималајскиот кедар (C. deodara).[3] Покрај стопанската употреба, дрвјата се застапени и по градовите како хортикултурно уредување.
Родот има пет таксона, од кои четири се видови и еден е подвид:[1][4][5][6][7][8][9][10][11][12][13]
Кедрите се приспособени да живеат на планинска клима. Во Средоземјето зиме се во снег, а лете на суша, додека пак во западните Хималаи добиваат вода претежно преку летни монсунски врнежи.[1]
Кедарот ужива голема популарност како украсно дрво и е мошне застапен во хортикултурата краишта каде зимската температура не оди под −25 °C. Турскиот кедар е малку поотпорен, и издржува до −30 °C. При пониски температури дрвјата обично умираат.[14] Успешни и долготрајни одгледувачи на кедар се земјите од Средоземјето, западна Европа и на север до Британија, јужна Австралија и Нов Зеланд, како и југот и западот на Северна Америка.
Дрвото и маслото на кедарот се природна одбрана од молци,[15] и затоа се користат за обложување на внатрешноста на креденци и сандаци каде се чуваат волнени облеки. Оваа употреба на кедарот е спомената уште во Хомеровата „Илијада“ (Книга 24), каде Пријам оди во одаја обложена со кедрово дрво за да земе скапоцености со кои би си ја откупил слободата. Од кедар се прават и калапи за чување чевли бидеќи дрвото ја впива влагата и непријатната миризба.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.