Аларе
село во Ениџевардарско, Егејска Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Аларе или Алар (грчки: Αρχοντικό, Архондико; до 1926 г. Αλάρι, Алари[2]) — село во Ениџевардарско, Егејска Македонија, денес во општината Постол на истоимениот округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 218 жители (2011). Сè до 1924 г. било населено исклучиво со Македонци.[3]
Remove ads
Географија
Селото е сместено 4 км источно од градот Пазар (Ениџе Вардар).
Историја
Праисторија
Во месноста Тумба има праисториска населба, прогласена за споменик на културата во 1984 г.[4]
Во Отоманското Царство
Во XIX век Аларе е забележано како чисто македонско село во Ениџевардарската каза. Според Николаос Схинас во средината на 1880-тите Алари (Ααλάρη) било село со 20 христијански семејства.[5]
Во 1889 г. хрватскиот етнограф Стефан Верковиќ („Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“) напишал за Аларе:
„ | Селото Алари лежи на шумовито место во соседство на селото Чаушли, од кое е оддалечено на четврт час. Жителите се Македонци и се занимаваат претежно со земјоделство и по малку со винарство. На југ од селото има рид, покриен со густа шума.[6][7] | “ |
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Аларе броело 160 жители Македонци.[8][9]
Целото село потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија, а во него влегла и бугарската пропаганда. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Аларе (Alare) имало 224 Македонци, сите под егзархијата.[8][10] В селото има и Турци.
Аларе било предмет на напади од андартски чети на 11/24 декември 1905 г. Обединетите грчки чети на Ставрос Ригас, Михаил Анагностакос и Христос Прандунас го нападнале селото, но селската милиција дала силен отпор, а ситуацијата за андартите се влошила со доаѓањето на редовниот аскер.[11] По иницијатива на Прандунас, грчките андарти го пробиле обрачот со само тројца загинати и тројца ранети.[12] Селото повторно е нападнато од андарти на 2 јуни 1906 г. Турската власт, за да пресече каналите на ВМРО до Ениџевардарското Езеро, ги преселила жителите на Аларе во Пазар; ним им било дозволено да се вратат во селото дури по Младотурската револуција. Тогаш во Аларе и блиските села учителствувал деецот Димитар Лешников[13].
Училишниот инспектор Никола Хрлев во 1909 г. напишал за селото:
„ | Аларја, 28/II, 1 ч. од Апостол. Ова село е двапати горено од грчките чети, и во него се останати 16 куќи: 12 егзархиски и 4 унијатски. Црквата „Св. Атанасиј“ нема никакви имоти, засега е затворена. Училиштето (вакуф) е земјанка со таван, голема 4×4×3 метри, добро осветлена.[14] | “ |
Во 1910 г. Халкиопулос напишал дека во селото (Αγαλάρ) има 66 егзархисти.[5][15]
Според српскиот географ Боривое Милоевиќ, во периодот пред Балканските војни селото се состоело од 23 македонски куќи.[3][5]
Во Грција
Во 1912 г. Аларе е заведено како село со христијанска вероисповед и македонски јазик. По Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Истата 1913 г. селото броело 154 жители (82 мажи и 72 жени),[5] а во 1920 г. нараснало на вкупно 165 жители.[3] Во 1924 г. сето население е протерано во Бугарија. Неколку семејства се населиле Горен Воден кај Асеновград, во Искра и Волчин кај Карнобат, Бургаско. Во селото останал само неговиот кмет, Трајо Гусков.[16] На нивно место властите доселиле грчки колонисти. Во 1926 г. селото е преименувано во Архондико. Во 1928 г. селото е претставено како чисто дојденско со 245 жители од 71 семејство.[17]
Во 1940 г. селото пораснало на 422 жители и се одржало устојчиво сè до 1960-тите, кога населението се смалило речиси наполу.[3]
Remove ads
Население
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Стопанство
Селото се смета за прилично богато бидејќи лежи во поле и земјиштето се наводнува. Се произведуваат овошје, памук, жито и тутун.[3]
Културни и природни знаменитости
- Цркви
- „Св. Атанасиј“ од XIX век
Личности
- Гоно Ѓошев — четник на војводите Иван Карасулијата и Апостол Петков[18]
- Мицо Гусков (Мицо Ќаја) — крупен сточар и член на управното тело на ВМРО во Аларе, неколкукратно лежел во турски затвори. За кратко бил кмет на селото, но по 1922 г. е затворен на Крит каде умирел; неговите имоти ги прибрабиле грчки преселници[19].
- Трифун Ќаев — раководител на селскиот комитет на ВМРО[20]
- Антониос Аргириу (Αντώνιος Αργυρίου) — гркомански андартски деец, четник во 1907-08 г.[21]
Remove ads
Поврзано
Наводи
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads