Антипапа
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Антипапа (латински: antipapa) или противпапа — лице кое полага право на титулата Римски епископ и водач на Католичката црква, оспорувајќи го правото на некој легитимно избран папа.[1] Антипапите постоеле од III до средината на XV век и биле поддржувани од табори во самата црква и од световни владетели.

Понекогаш е тешко да се разликува кој од двајца правополагачи да се смета за папа, а кој за антипапа, како што е случај со Лав VIII и Бенедикт V.
Remove ads
Историја
Иполит Римски (†235) се смета за првиот антипапа, предводејќи своја група во рамките на Црквата во Рим против папата Каликст I.[2] Иполит се помирил со папата Понтијан, и обајцата се чествуваат како светци од Римокатоличката црква со заедничка слава на 13 август. Останува нејасно дали станува збор за помешување на повеќе личности со Иполит[3] и дали самиот Иполит навистина се прогласил за Епископ Римски, со оглед на тоа што тоа не се спомнува во списите припишани нему.
Евсевиј Кесариски ја прераскажува приказната Наталиј од некој претходен автор[4], каде се вели дека Наталиј бил свештеник од III век кој прифатил епископство од адопционистите,[5] еретичка група во Рим. Наталиј набргу се покајал и со солзи го молел папата Зефирин да го прими во верската заедница.[6][7]
Новатијан (†258), уште една личност од III век, со сигурност полагал право на Римската Столица како противник на папата Корнелиј, и доколку ги изземеме Наталиј и Иполит поради несигурните податоци, Новатијан би бил првиот антипапа.
Антипапите биле најбројни во периодот на борба помеѓу папите и светите римски цареви во XI и XII век. Царевите честопати наметнувале свои лица кои им оделе во прилог. Папите пак, од своја страна, биле покровители на соперници за престолот (противкралеви) во Германија за да надвладеат над даден цар.
Западниот раскол започнал во 1378 г. кога француските кардинали изразиле незадоволство дека изборот на папата Урбан VI бил неважечки, па го избрале антипапата Климент VII како негов противник. Со време се создале две сопернички линии на антипапи: Авињонската кога Климент VII се вратил во Авињон, и Пизанската. Пизанската, која започнала во 1409 г. е наречена по соборот во Пиза на кој е избран антипапата Александар V како трет правополагач. За да му се стави крај на расколот, во мај 1415 г. е свикан Констанскиот собор каде е соборен антипапата Јован XXIII од Пизанската линија. Папата Григориј XII од Римската линија дал оставка во јули 1415 г. Во 1417 г. соборот формално го разрешил и антипапата Бенедикт XIII од Авињон, но тој решително одбил да отстапи. Потоа е избран папата Мартин V и прифатен насекаде освен во малото подрачје под влијание на Бенедикт XIII кое бргу гаснело.
Remove ads
Список на антипапи
На следнава табела се дадени имињата на антипапите кои се водат на списокот на папи и антипапи во Папскиот годишник (Annuario Pontificio), додавајќи ги Наталиј (и покрај сомнежот за неговата историчност) и Климент VIII (кој имал незначително малку следбеници).[8]
Со ѕвездичка се означени оние кои се вклучени во вообичаените редни броеви на подоцнежните папи со исто име. Почесто антипапата се занемарувал во бројниот редослед; на пример, постоел антипапа Јован XXIII, но новиот папа Јован избран во 1958 г. исто така се нарекувал Јован XXIII.
Така, поради нејасноста на канонското право во средината на XI век и историските факти, Папскиот годишник го наведува Силвестер III како папа, без притоа да даде мислење за неговата легитимност. Католичката енциклопедија го става во Списокот на папи,[9] но со прибелешката: „Некои го сметаат за антипапа“. Други извори го заведуваат како антипапа.[10]
Бидејќи Целестин II дал оставка пред да биде осветен и устоличен за да се избегне раскол, Речникот на папи (2010) од Оксфорд смета дека тој неправедно се смета за антипапа;[11] тоа мислење го дели и историчарот Салвадор Миранда.[12]
Оние со ѕвездичка (*) се пресметани во бројниот ред на подоцнежни папи.
Remove ads
Современи правополагачи
Антипапи постојат и денес, но сите тие се незначајни, без поддршка од ниеден кардинал. Такви примери се Палмаријанците, Апостолите на бескрајната љубов и непознат број на разни седевакантистички правополагачи.
Поврзано
- Западен раскол
- Седевакантизам
- Папска конклава
- Список на папи
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads