Даглас Коста
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Даглас Коста де Соуза (роден на 14 септември 1990 во Сапукаја до Сол) — бразилски фудбалер, крило на ФК Сиднеј.
Remove ads
Технички карактеристики
Кариерата ја започнал како напаѓач, улога која ја играл и за време на неговиот престој во Шахтар Донецк, но со текот на времето се адаптирал на позицијата крило. Технички поткован и брз, претпочита да игра на десната страна бидејќи му овозможува да навлегува внатре на својата природна нога, левата. Сепак, тој е исто така ефикасен и по левата страна, затоа што има одличен центаршут.
Во 2010 година бил вклучен на списокот на најдобрите играчи родени по 1989 година, изготвен од страна на Дон Балон.[1]
Remove ads
Клупска кариера
Гремио
Својте први фудбалски чекори ги направил во екипата на Ново Амбурго, од каде преминал во Гремио во 2002 година на возраст од 11.[2] Своето деби за првиот тим Коста го направил на 4 октомври 2008 на возраст од 18 години во победата со 2-1 над Ботафого.[2][3] Во истиот натпревар тој го постигнал и својот прв гол во кариерата, стрелајќи во 33-тата минута за да го отвори резултатот и да му донесе водство на Гремио од 1-0.[2] Во следниот натпревар четири дена подоцна тој асистирал за двата гола на Гремио во победата со 2-0 на домашен терен над Сантос.[4] Сезоната 2008 ја завршил со 6 настапи и 1 гол.[5]
На 26 февруари 2009 дебитирал во Копа Либертадорес, играјќи 11 минути во домашниот натпревар против Универсидад де Чиле (0-0). На 14 јуни 2009 година, Коста го добил првиот црвен картон во кариерата во ремито без голови 0-0 против Флуминенсе.[6] На 29 ноември 2009, по пауза од повеќе од една година го постигнал својот втор гол за Гремио во кариерата во победата со 4–2 над Гремио Баруери. Вкупно за Гремио одиграл 37 натпревари и постигнал 2 гола.
Шахтар Донецк

На 10 јануари 2010, Даглас Коста потпишал петгодишен договор со украинскиот Шахтар Донецк кој му платил на Гремио 6 милиони евра за ангажман на играчот.[7] Неговото деби за Шахтар дошло на 18 февруари во шеснаестина финалето на Лигата на Европа против англискиот Фулам, натпревар во кој неговиот клуб загубил со 2-1. Тој влегол како замена во тој натпревар во 75-тата минута, заменувајќи го Жадсон.[8] Неговото деби на Донбас Арената било во реваншот игран на 25 февруари, во кој тој го заменил Вилијан во 53-тата минута, и асистирал за изедначувачкиот погодок на Шахтар кој го постигнал Жадсон,[9] но откако натпреварот завршил 1-1 тоа не било доволно за украинскиот клуб да мине понатаму и тие биле елиминирани со 3-2 вкупен резултат. Својот прв гол во дресот на Шахтар, Даглас Коста го постигнал на 14 март 2010 во победата со 2-1 над Металист Харкив.[10] Својата прва сезона во Украина ја завршил со 13 настапи и 5 гола, а Шахтар успеал да ја освои титулата во Премиер лигата на Украина, првиот клупски трофеј за Коста во кариерата.[11]
Коста одиграл 39 натпревари и постигнал 7 гола за Шахтар во сите натпреварувања следната сезона, во која Шахтар успеал да оствари требл освојувајќи ги титулите во Премиер лигата, Купот на Украина и Суперкупот на Украина.[12] На 28 септември го постигнал својот прв погодок во Лигата на шампионите во победата со 3-0 над португалската Брага.[13]
Заклучно со сезоната 2014-2015 тој одиграл уште четири успешни сезони во Шахтар во кој уште трипати го освоил украинското првенство (освен последната сезона) и уште по двапати купот и суперкупот. Вкупно за Шахтар одиграл 202 официјални натпревари и постигнал 38 гола.
Бајерн Минхен

На 1 јули 2015 година, Бајерн Минхен го објавиле доведувањето на Даглас Коста,[14] за сума од 30 милиони евра потпишувајќи петогодишен договор со бразилецот.[15][16] Неговиот трансфер бил четврт најскап во историјата на баварскиот клуб.[15] Му бил доделен дресот со број 11 кои претходно бил носен од Џердан Шаќири. Тој го направил своето деби како стартер на 1 август во Суперкупот на Германија против Волфсбург, асистирајќи му на Арјен Робен за да го отвори резултатот во натпреварот што завршил нерешено 1-1; тој бил прецизен во својот обид од белата точка, но неговиот тим сепак загубил на пенали со 5-4.[17] Тринаесет дена подоцна, тој го постигнал својот прв гол за Бајерн, поставувајќи ги конечните 5-0 во домашната победа над Хамбургер во првото коло од Бундеслигата за сезоната 2015-2016. На 21 мај 2016, Коста го постигнал победничкиот погодок во пенал-серијата против Борусија Дортмунд за победа во Купот на Германија 2015-2016, со што Коста ги освоил лигата и купот во неговата прва сезона, откако Бајерн остварил домашен дабл.[18] Сезоната 2015-2016 Коста ја затворил со 7 гола во 43 натпревари во сите натпреварувања.[17][19]
Јувентус
На 12 јули 2017, Коста му се приклучил на италијанскиот шампион Јувентус, со формула на заем до крајот на сезоната 2017–2018, за сума од 6 милиони евра. Јувентус има можност да потпише перманентен договор со Коста до 1 јули 2018, за додатни 40 милиони евра (плус €1M во бонуси).[20][21][22] Дебитирал за Јувентус на 13 август во поразот со 3-2 од Лацио во Суперкупот на Италија,[23] а своето деби во Серија А го направил во првото коло од сезоната во победата со 3-0 на домашен терен над Каљари, влегувајќи од клупата за резерви на местото на Хуан Квадрадо во 74-тата минута. На 14 октомври Коста го постигнал својот прв гол во дресот на Јувентус во поразот со 2-1 на домашен терен од Лацио.[24] Својот втор гол го постигнал во победата со 2-0 над градските соперници Торино во осминафиналето на Купот на Италија. Дваесеттина дена подоцна, тој го постигнал одлучувачкиот погодок во победата со 1-0 над Џенова во првенството.[25] На 9 мај 2018, Даглас Коста го започнал како стартер финалето на Купот на Италија против Милан и го постигнал вториот гол за Јувентус во убедливата победа со 4-0, освојувајќи го својот прв трофеј со бјанконерите.[26][27] Неколку дена подоцна со клубот го освоил и своето прво скудето.

По завршувањето на успешната прва сезона во Торино, тој бил откупен од Јувентус за 40 милиона евра.[28] Неговата втора сезона во клубот ја започнал како важен пион во шаховската табла на тренерот Масимилијано Алегри, но во домашниот натпревар од првенството против Сасуоло (завршил 2-1 за Јувентус) одигран на 16 септември 2018, тој го плукнал противничкиот играч Федерико Ди Франческо, во екот на продолженото несогласување меѓу двајцата:[29] оваа неспортска постапка го чинела Коста директен црвен картон и суспензија од 4 кола неиграње.[30] Дури и по враќањето, бразилецот не бил на нивото од претходната сезона, исто така поради бројни проблеми со повреди и лошото поведение надвор од терените,[31] постигнувајќи само еден гол во сезоната во која тој сепак освоил уште две титули со Јувентус Суперкупот на Италија и второто скудето.
Следната сезона, исто така, се покажала како проблематична за Коста поради бројните физички проблеми. Во второто коло од првенството тој имал три асистенции во победата со 4-3 на домашен тререн над Наполи, но набргу потоа новите физички проблеми го извадиле од акција на одредено време. По враќањето по повредата, тој го постигнал победничкиот гол во последните минути од натпреварот во Лигата на шампиони против Локомотив Москва на 6 ноември 2019 година, по една прекрасна акција.[32] Таа победа на бјанконерите, сега водени од Маурицио Сари, им овозможилa пласман во нокаут фазата на две кола до крајот на фазата по групи. Поради неговите чести физички проблеми, во вториот дел од првенството Сари најчесто го користел Коста како замена, сакајќи помалку да биде изморен и да биде здрав подолго време. На едно тешко првенство, особено од неспортски причини, драматично обележан со паузата во календарот заради пандемијата од КОВИД-19 што ги приморало фудбалерите да го завршат првенството во текот на летните месеци, бразилецот сепак дал свој придонес за освојување на новото скудето, трето за него, постигнувајќи прекрасен гол негов единствен гол за сезоната во Серија А, во победата со 3-1 на гостувањето кај Џенова.[33]
Враќање во Бајерн Минхен
На 5 октомври 2020, во последниот ден од летниот трансферен прозорец, Коста се вратил во Бајерн Минхен на заем до крајот на сезоната.[34][35]
Remove ads
Репрезентативна кариера

Во ноември 2014, Коста бил повикан во бразилската репрезентација за првпат од тренерот Дунга, по што го направил своето репрезентативно деби против Турција во Истанбул.[36]
Во мај 2015 година, Коста бил вклучен во 23 члениот состав на Бразил за Копа Америка 2015.[37] Во првиот натпревар на репрезентацијата против Перу, тој влегол како замена за Диего Тардели и го постигнал победничкиот гол во судиското продолжение, негов прв за "Селекао". Во четвртфиналето против Парагвај во Консепсион, тој го заменил поранешниот тимски колега од Шахтар Вилијан во последните 30 минути од ремито 1-1, а потоа бил еден од двајцата фудбалери на Бразил кој промашиле од удар од белата точка во пенал-рулетот по кој кариоките биле елиминирани со 3-4.[38] На 17 ноември, Коста го постигнал својот втор гол за Бразил во победата со 3-0 против Перу во квалификациите за Светското првенство 2018.[39]
Коста првично бил вклучен во тимот на Бразил за Копа Америка Сентенарио, но бил принуден да се повлече од тимот кон крајот на мај 2016 година, откако претрпел повреда на левото бедро; неговото место го заземал Кака.[40]
Во мај 2018, Даглас Коста бил повикан од селекторот Тите на списокот од 23 играчи за Светското првенство 2018 во Русија.[41] Своето деби на турнирот го имал на 22 јуни во Санкт Петербург, кога во вториот натпревар од групата Бразил ја победил Костарика со 2-0; Коста асистирал за вториот гол на кароките што го постигнал Нејмар. Подоцна, до крајот на турнирот тој бил вклучен само во уште еден натпревар, поразот со 1-2 од Белгија во четвртфиналето што значел елиминација за бразилците.
Хронологија на репрезентативните настапи
Remove ads
Клупска статистика
Статистиката е ажурирана на 7 март 2017.
Remove ads
Титули
Клупски
Шахтар Донецк
- Премиер лига на Украина : 5
- 2009-2010, 2010-2011, 2011-2012, 2012-2013, 2013-2014
- Куп на Украина : 3
- 2010-2011, 2011-2012, 2012-2013
- 2010, 2012, 2013
Бајерн Минхен
Бундеслига : 2
- 2015-2016, 2016-2017
- 2015-2016
- 2016
Јувентус
Серија А : 3
Куп на Италија : 1
Репрезентативни
Бразил
- Младинско првенство на Јужна Америка : 1
- 2009
Remove ads
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads