Доходна сиромаштија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Доходна или монетарна сиромаштија — концепт на сиромаштијата во развојната економија, кој сиромаштијата ја дефинира во однос на линијата на сиромаштијата, определена како минималното прифатливо ниво на приход или на потрошувачка на поединецот или домаќниството.
Опис
Основното прашање при мерењето на сиромаштијата е дали да се користат податоците за приходот или за потрошувачката на поединецот (домаќинствата)? Во земјите со голем процент на селско население и со голем обем на сива економија, податоците за потрошувачката имаат предност во однос на приходот, но ако анализата се заснова врз анкетата на потрошувачите а не на пописот, тогаш се препорачува сиромаштијата да се мери според приходот. Понатаму, за да се измери сиромаштијата, неопходно е да се определи прагот, односно линијата според која ќе се определи кое лице е сиромашно. Вообичаено, линијата на сиромаштијата се искажува по глава на жител, а потоа се споредува доходот или потрошувачката по глава на жител. При определувањето на линијата на сиромаштијата, важно е да се направи приспособување за полот и за возраста на поединците, како и да се одлучи дали домаќинствата со различна големина ќе се третираат заедно или одделно. Приспособувањето во однос на возраста и полот е потребно поради различниот број калории кои ги внесуваат помладите и постарите лица, како и мажите наспроти жените. Приспособувањето во однос на големината на домаќинството е потребно поради тоа што поголемите домаќинства имаат можноста да ги задоволат своите потреби со помали издатоци по поединечен член (на пример, греењето или мебелот ги користат повеќе лица истовремено). Овие приспособувања се прават со примена на еквивалентни скали со кои се изедначуваат домаќинствата во однос на големината и половата и старосната структура. Притоа, доходот или потрошувачката се мерат по т.н. еквивалентно возрасно лице. Во праксата, најчесто се применуваат еквивалентната скала на ОЕЦД, модифицираната еквивалентна скала на ОЕЦД и еквивалентната скала на ЛИС (Luxemburg Income Study).[1]
Remove ads
Мерење на доходната сиромаштија
Врз основа на утврдената линија на сиромаштија и користејќи ги податоците за приходот (потрошувачката) на домаќинствата, можат да се пресметаат неколку показатели кои се однесуваат на обемот, длабочината и острината на сиромаштијата. Обемот на сиромаштијата најчесто се искажува со т.н. броен индекс (англиски: Head count index), кој е познат и како стапка на сиромаштија (Poverty rate). Овој индекс се пресметува како однос меѓу бројот на лицата кои се наоѓаат под линијата на сиромаштијата и вкупното население, така што тој го покажува процентуалното учество на сиромашните луѓе во вкупното население. Длабочината на сиромаштијата најчесто се искажува со показателот наречен индекс на јазот на сиромаштијата (Poverty gap index), кој го мери недостатокот (јазот) на сиромашните луѓе во однос на линијата на сиромаштијата. Тој се пресметува така што за секое сиромашно лице најпрвин се пресметува неговата процентуална разлика (јазот) во однос на линијата на сиромаштијата, а потоа се пресметува просечниот јаз во однос на целото население. Индексот на длабочината на сиромаштијата може да се пресмета и како производ меѓу бројниот индекс на сиромаштијата и стапката на јазот на доходот (Income gap ratio) која ја покажува процентуалната разлика меѓу просечниот доход на сиромашните лица и линијата на сиромаштијата. Индексот на острината на сиромаштијата (Poverty severity index) поголемо значење во пресметката им придава на лицата кои се подалеку од линијата на сиромаштијата. Најпознат ваков индекс е оној на Фостер, Грер и Торбеке (познат како мерило од класата Р2), кој претставува просек од пропорционалните длабочини на сиромаштијата кренати на квадрат.[3]
Remove ads
Наводи
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads